Германскиот канцелар Фридрих Мерц во писмо до лидерите на Европската Унија предложи на Украина да ѝ се даде статус на „придружна членка“ како привремен чекор кон членство во ЕУ.
Во писмото како што објавуваат дел од медиумите, Мерц вели дека тоа би можело да помогне во постигнувањето договор за прекин на војната со Русија.
Мерц наведува дека статусот на „придружна членка“ би им овозможил на украинските претставници да учествуваат на самитите на ЕУ и министерските состаноци, но не и да гласаат на нив.
Германскиот лидер, исто така, предложи членките на ЕУ да преземат „политичка обврска“ да ја применат клаузулата на блокот за взаемна помош на Украина, „со цел да се создаде значајна безбедносна гаранција“.
„Мојот предлог ја одразува посебната ситуација на Украина, земја во војна. Тоа ќе помогне во олеснувањето на тековните мировни преговори како дел од договореното мировно решение“, рече Мерц во писмото.
Тој додаде дека тоа е „неопходно не само за безбедноста на Украина, туку и за безбедноста на целиот континент“.
Мерц додаде дека неговиот предлог за Украина нема да влијае на другите земји-кандидатки за членство во ЕУ и предложи блокот „да разгледа иновативни решенија“ за оние кои долго време работат на пристапување кон ЕУ.
Тој додаде дека планира да разговара за ова со колегите и другите европски лидери.
„Мојата цел би била наскоро да се постигне договор и да се формира посебна работна група за да се разработат деталите“, заклучи Мерц.
Украина аплицираше за членство во ЕУ во февруари 2022 година, а доби официјален статус на кандидат во јуни истата година.
















