Северна Македонија има за цел унапредување на соработката со Израел во области како што се земјоделството, управувањето со водите, безбедноста, иновациите, туризмот, здравството и образованието, како и зајакнување на економските врски и инвестициските можности меѓу двете земји, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски.
Според соопштението на Министерството, во интервју за израелскиот весник „The Jerusalem Post“, дадено за време на неговата прва посета на Израел во својство на министер, Муцунски рече дека одличните билатерални односи со Израел треба да се подигнат на ново ниво и да се преточат во поконкретна соработка во неколку области од заемен интерес.
Во тој контекст, тој го истакна потенцијалот на Северна Македонија да се позиционира како важна влезна точка во Европа за израелските туристи, компании и инвеститори.
Муцунски изјави дека една од првите теми за кои се разговарало била можноста за воспоставување директна авиолинија Тел Авив – Скопје или Тел Авив – Охрид, со цел натамошно унапредување на туристичката размена, деловните контакти и економските врски меѓу двете земји.
„Една од првите теми за кои разговаравме беше можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Тел Авив и Скопје или Тел Авив и Охрид, кој е нашиот главен туристички центар и град за кој верувам дека секој Израелец би сакал да го посети“, рече Муцунски.
Тој нагласи дека амбицијата оди подалеку од туризмот. Според него, стратешката положба на Северна Македонија на крстосницата на два важни европски транспортни коридора, Коридорот 8 и Коридорот 10, како и инвестициите во енергетските интерконекции, создаваат можности земјата да служи како влезна точка за израелските компании кои сакаат да го прошират своето присуство на европските пазари.
„Сакаме да бидеме врата кон Европа не само за израелските туристи, туку и за израелските компании. Исто така, можеме да бидеме влезна точка за израелските инвеститори на европскиот пазар, чиј потенцијал израелската деловна заедница сè уште не го искористила во целост, но и пазар за извоз“, рече тој.
Во интервјуто беше истакнат потенцијалот за унапредување на соработката во земјоделството, управувањето со водите, безбедноста, иновациите, туризмот, здравството и образованието, како и во инвестициите и одбранбената индустрија.
Муцунски нагласи дека одличните билатерални односи со Израел треба да се подигнат на ново ниво и да се преточат во поконкретна соработка во неколку области од заемен интерес. Тој рече дека зголемената динамика на политичките контакти е резултат на јасната решеност на владата на неговата земја дополнително да го продлабочи партнерството.
„Од формирањето на владата, билатералните односи со Израел ги поставивме како еден од приоритетите на нашата надворешна политика“, рече Муцунски.
Во интервјуто беше спомената и зголемената динамика на контактите меѓу двете земји во последниот период, вклучително и парламентарната делегација предводена од пратеничката Рашела Мизрахи, која во јануари одржа средби со претседателот на Кнесетот, Амир Охана, и со други израелски претставници.
Според Муцунски, посетата и разговорите во Израел претставуваат можност за натамошно унапредување на постојната позитивна динамика во билатералните односи преку посилни економски врски, зголемена туристичка размена и создавање нови можности за инвестиции и деловна соработка.






















