Ирак го објави крајот на мисијата на меѓународната коалиција предводена од САД, означувајќи премин кон билатерални односи со земјите-членки на коалицијата, изјави Касим ал-Араџи безбедносниот советник на премиерот.
Овој потег го нарече „важна пресвртница“, наведувајќи дека следува по преговорите и договорите започнати во јули 2021 година. Американските сили го завршија повлекувањето од нивните преостанати позиции во Ирак до крајот на септември.
Араџи ја припиша победата над терористичката група ИСИС (Даеш) на „жртвите на Ирачаните и храброста на вооружените сили во нивните различни родови и формации“, како и на поддршката од меѓународната коалиција и од братските и пријателските земји.
Тој нагласи дека завршувањето на мисијата на коалицијата предводена од САД „не значи крај на партнерството“, туку премин кон билатерални односи со нејзините земји-членки.
Безбедносната и разузнавачката соработка, заедно со размената на информации и експертиза, како и напорите за градење капацитети, ќе продолжат „врз основа на заемна почит и заеднички интереси“, рече ал-Араџи.
Багдад и Вашингтон во септември 2024 година се договорија да ја завршат воената мисија на коалицијата во Ирак според временски распоред што се протега до крајот на септември 2026 година.
Коалицијата беше формирана под водство на САД во 2014 година, откако ИСИС зазеде големи делови од Ирак и Сирија, обезбедувајќи им на ирачките сили воздушна и разузнавачка поддршка, како и обука за време на операциите против групата.
Ирак во декември 2017 година објави дека ја вратил целосната контрола врз територијата што претходно ја имаше заземено ИСИС.

























