Авион на „Флајдубаи“ на летот од Дубаи до Тел Авив со повеќе од 150 патници, кој пријави код за можно киднапирање, слета на аеродромот Табук во Саудиска Арабија, иако потоа било утврдено дека дошло до инцидент меѓу двајцата пилоти, и дека немало никакво безбедносно нарушување, односно обид за киднапирање, информираат израелски медиуми.
Пилотот накратко откако ги испратил кодовите се спуштил на сомнителна надморска височина и се пренасочил кон Саудиска Арабија.
Според изрелски Канал 12, авионот прво го испратил кодот „7700“ што укажува на општа вонредна состојба, а кратко потоа го испратил кодот „7500“, што укажува на киднапирање, додека летал над јорданскиот воздушен простор.
Контактот со авионот бил одредено време изгубен откако се појавија информации за можно киднапирање.
Телевизијата Канал 12 подоцна објави дека е утврдено дека двајцата пилоти што го летале патничкиот авион се скарале.
Во печатот беше објавено и дека еден од пилотите ја изгубил свеста за време на борбата, поради што бил испратен код за итни случаи.
Израелскиот дневен весник „Јнет“ објави дека два борбени авиони на израелските воздухопловни сили биле подигнати по тревогата.
Авионот, за кој се вели дека превезувал приближно 100 израелски државјани, кружел во јорданскиот воздушен простор некое време пред да биде пренасочен кон Саудиска Арабија.
По инцидентот, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Израел Кац свикаа итни безбедносни консултации.
Канцеларијата на израелскиот премиер, исто така, изјави дека инцидентот не бил обид за киднапирање.




















