Македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова од Салцбург упати порака дека проширувањето на Европската Унија, особено со земјите кандидатки од т.н. Западен Балкан, претставува тест за капацитетот на блокот да дејствува стратегиски.
Таа учествува на 22. Европски самит кој се одржува во австрискиот град Салцбург, од каде ја посочи потребата од забрзување на европската интеграција на регионот.
Осврнувајќи се на европскиот пат на земјата, таа потсети дека Северна Македонија 21 година е кандидат за членство во ЕУ, со 17 позитивни извештаи за почеток на преговорите, висок степен на хармонизација со европското законодавство и целосна усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика.
Според Сиљановска-Давкова, процесот на проширување сè почесто станува заложник на билатерални спорови што не се дел од Копенхагенските критериуми.
„Кога напредокот не зависи од самите реформи, процесот ја губи својата кредибилност. Тоа веќе не е само проблем на кандидатите, туку институционален проблем за самата ЕУ“, порача претседателката.
Таа посочи дека системот на заслуги мора да биде заштитен, членството не смее да создава Европа од прв и втор ред, а постепената интеграција треба да носи реални придобивки, но да води кон полноправно членство.
Сиљановска-Давкова заклучи дека реформата на проширувањето не е услуга за Западен Балкан, туку инвестиција во геополитичкиот капацитет на самата Европска Унија.



























