Италијанската полиција уапси 79 лица во голема операција против Ндрангета, најмоќна организирана криминална група во земјата, соопштија денес властите.
Операцијата во Реџо Калабрија била насочена кон клановите Де Стефано, Тегано и Кондело, објави италијанската новинска агенција АНСА.
Властите соопштија дека 73 од уапсените се однесени в затвор, а шестмина се во домашен притвор.
Осомничените се соочуваат со обвиненија, како злосторничко здружување - мафија, трговија со дрога, изнудување, грабеж и нелегално поседување и носење огнено оружје.
Истражителите изјавија дека во операцијата се откриени наводни економски активности на клановите, почнувајќи од трговија со дрога до изнудување од трговци и сопственици на бизниси.
Во операцијата учествувале повеќе од 500 припадници на државната полиција и карабинери.
Премиерката Џорџа Мелони ја пофали операцијата во објавата на X.
„Дирекцијата за борба против мафијата во округот Реџо Калабрија ѝ нанесе катастрофален удар на Ндрангета, распоредувајќи над 500 полицајци и карабинери во голема операција што доведе до апсење на 79 лица, нанесувајќи им штета на интересите на мафијата“, истакна Мелони.
„Благодарение на оние што секојдневно со храброст и професионализам го бранат владеењето на правото. Државата нема да попушти. Борбата против мафијата е и ќе продолжи да биде апсолутен приоритет за Владата“, додаде таа.
Според Интерпол, Ндрангета потекнува од јужниот италијански регион Калабрија, но проширена е во повеќе од 84 земји.























