Експертски панел на Европската Унија препорача ограничување на пристапот до социјалните медиуми за деца под 13 години низ цела ЕУ, велејќи дека употребата треба да биде дозволена само под родителски надзор или за образовни цели.
Извештајот, нарачан од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, беше презентиран во Брисел во понеделник, додека владите низ целиот свет дебатираат за тоа како најдобро да ги заштитат децата и тинејџерите на интернет откако Австралија гласаше за забрана на социјалните медиуми за лицата под 16 години до крајот на 2025 година.
Експертите препорачаа децата под две години воопшто да не користат социјални медиуми.
Од 13-годишна возраст, тинејџерите постепено треба да добијат понезависен пристап до социјалните медиуми соодветни на возраста, рече Јерг Фегерт, коавтор на извештајот и медицински директор на Одделот за детска и адолесцентна психијатрија во Универзитетската болница во Улм.
Неколку земји-членки на ЕУ, вклучувајќи ги Шпанија, Грција, Германија и Австрија, размислуваат за воведување законски забрани за социјалните медиуми за малолетници до одредена возраст.
Но секој обид за воведување ограничувања на возраста на платформи како Тик Ток, Инстаграм и Снепчет веројатно ќе бара акција на ниво на ЕУ, бидејќи Европската комисија е одговорна за спроведување на правилата за главните онлајн платформи во рамките на ЕУ, а националните закони мора да бидат усогласени со законите на ЕУ.
Во извештајот експертите предложиле земјите-членки да можат да постават повисока возрасна граница од онаа што би се применувала низ целата ЕУ.
Фон дер Лајен во последните месеци постојано изразуваше загриженост за влијанието на социјалните медиуми врз децата, посочувајќи ја забраната на социјалните медиуми во Австралија за лица под 16 години како можен модел.
Во понеделник, таа рече дека треба да се разгледа постепен пристап за различни возрасни групи и најави дека Брисел ќе презентира законски предлог по летото.
Според Законот за дигитални услуги (ДСA) на ЕУ, главните платформи на социјалните медиуми веќе се законски обврзани да преземат мерки за заштита на малолетниците онлајн.
Многу платформи веќе имаат минимална возраст од 13 години за да се усогласат со европските правила за заштита на податоците, но експертите велат дека сегашните правила треба да се спроведуваат поконзистентно и поефикасно.
Европската комисија минатата недела утврди дека компанијата Мета, сопственикот на Фејсбук, Инстаграм и „ВатсАп, го прекршил Законот за дигитални услуги поради дизајнот на своите платформи кои предизвикуваат зависност и штетните ефекти што таквиот дизајн ги има врз корисниците, вклучително и малолетниците.























