Разговорите меѓу Вашингтон и Техеран се „добри“ и постои можност за напредок во преговорите, изјави претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, додавајќи дека Вашингтон ќе продолжи со воените активности доколку преговорите не бидат успешни.
„Имаме добри разговори и ќе видиме што ќе се случи. Мислам дека има голема шанса нешто да се постигне. Ако се случи, толку подобро. Ако не, ќе се вратиме на она што го направивме пред два дена“, изјави Трамп за новинарите вчера во претседателскиот авион „Ер Форс Уан“ на пат кон државата Мичиген.
Според Асошиејтед Прес, тој изјавил дека иницијативата за нови контакти дошла од иранска страна.
„Тие ни се обратија директно бидејќи многу силно ги таргетиравме“, рече Трамп, додавајќи дека ако немаше воени операции на САД, Иран „дури и немаше да разговара“, изјави Трамп.
Кога го прашаа дали губи трпение за преговори, американскиот претседател одговори дека нема причина за тоа.
Тој додаде дека Соединетите Американски Држави и Израел се многу усогласени кога станува збор за политиката кон Иран.
АП објави, повикувајќи се на изјави од регионални претставници, дека медијаторите предводени од Катар и Пакистан постигнале значителен напредок во напорите за враќање на САД и Иран на преговарачка маса, откако двете страни ги прекинаа меѓусебните напади по двонеделната ескалација на конфликтот.
Според извори, медијаторите предводени од Катар и Пакистан се обидуваат да ги надминат разликите меѓу Вашингтон и Техеран и да го олеснат враќањето на привремениот договор за прекин на огнот, кој пропадна по размената на напади.



















