Ракетата „Сојуз-2.1а“ што го носи вселенскиот брод „Сојуз МС-29“ со новиот екипаж на Меѓународната вселенска станица (МВС) беше лансирана денес во земјината орбита од космодромот Бајконур, објавија руските медиуми.
Вселенскиот брод „Сојуз МС-29“ има нов екипаж за МВС составен од двајца руски и еден американски космонаут, објави РИА Новости.
Ракетата полетала во 17:48 часот по московско време од лансирната рампа 31 на космодромот Бајконур, а не долго потоа, спикерот на платформата за набљудување на космодромот потврди дека вселенското летало се одвоило од третата фаза на ракетата, влегло во орбитата и започнало независен лет, а поврзувањето со МВС е закажано за 20:56 часот по московско време.
Екипажот на вселенскиот брод „Сојуз МС-29“ го сочинуваат космонаутите на „Роскосмос“, Пјотр Дубров и Ана Кикина, и астронаутот на НАСА, Анил Менон.
Нивната мисија на МВС треба да трае 261 ден, а како дел од руската програма за престој на Меѓународната вселенска станица се планирани 38 научни експерименти и две вселенски прошетки, според РИА Новости.
Во пресрет на денешното лансирање на космодромот Бајконур, таму беа и Кирил Дмитриев, раководител на Рускиот фонд за директни инвестиции и специјален претседателски претставник за инвестиции и економска соработка со странски земји, Дмитриј Баканов, раководител на „Роскосмос“, Денис Мантуров, прв вицепремиер на Руската Федерација и Џаред Исакман, администратор на НАСА.
„Ние сме на заедничка руско-американска вселенска мисија во Бајконур. Лансирањето е наскоро. Соработката меѓу Русија и САД во вселената продолжува“, објави Дмитриев на својот профил на X со фотографија од екипажот на „Сојуз МС-29“, објави ТАСС претходно денес.























