Претседателот на Франција, Емануел Макрон денеска допатува во официјална посета на Црна Гора, каде што беше пречекан од црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ.
„Пристигнувањето на претседателот Макрон претставува еден од најважните дипломатски настани за Црна Гора и силна потврда за длабокото пријателство, доверба и партнерство со Франција, земја што е еден од темелите на обединета Европа“, соопштија од Кабинетот на Милатовиќ.
Оваа посета носи јасна порака: Црна Гора има европски пријатели, има поддршка од најважните партнери и го има своето место на европската маса. Таа потврдува дека нашиот европскиот пат е препознаен како заеднички интерес на Црна Гора, регионот и Европа, се наведува од Кабинетот на Милатовиќ.
Лидерите на ЕУ и на Западен Балкан ќе се состанат утре во Тиват, Црна Гора.
Самитот се одржува шест месеци по последниот самит во Брисел, со што се потврдува силата на односите меѓу ЕУ и Западен Балкан.
Со самитот ќе претседава претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, а домаќин ќе биде претседателот на Црна Гора.
Според најавите на црногорските власти, покрај Макрон, на самитот ќе присуствуваат и италијанската премиерка Џорџа Мелони, германскиот канцелар Фридрих Мерц, како и Каја Калас, европската комесарка за надворешни работи и безбедност.
Тема на самитот е „Заеднички просперитет и стабилност на ЕУ и Западен Балкан“.














