Ние сме заложник на една некоректна и непринципиелна блокада на нашиот европски пат и тоа е она што сакаме да им го објасниме на нашите колеги во Бугарија. Никој нема интерес од ова што се случува во моментот. Губат двете држави економски, политички, губат и граѓаните, народите на двете држави кога се создава ваков тип на недоверба, истакна денеска во Софија министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Министерот на состанокот на министрите за надворешни работи на Процесот за соработка на Југоисточна Европа истакна дека ПСЈИЕ останува една од најзначајните рамки за политички дијалог и соработка во регионот, посочувајќи дека заедничките предизвици бараат заеднички одговори.
Состанокот, посветен на одбележувањето на 30 години од формирањето на ПСЈИЕ, се одржа под мотото „Заеднички компас за стабилен, безбеден и одржлив регион – 30 години регионална сопственост и европска аспирација“, при што во фокусот беа европската перспектива на регионот, регионалната соработка, безбедноста и економскиот развој.
Во своето обраќање, како што наведе македонското МНР, Муцунски истакнал дека ПСЈИЕ останува една од најзначајните рамки за политички дијалог и соработка во регионот, оценувајќи дека заедничките предизвици бараат заеднички одговори и дека иницијативата претставува автентична регионална платформа создадена и водена од земјите од регионот.
Осврнувајќи се на актуелните геополитички и безбедносни состојби, министерот нагласи дека во услови на војна во Европа, хибридни закани, дезинформации, енергетска несигурност и киберризици, европската интеграција и регионалната соработка добиваат уште поголемо стратегиско значење.
„Денес проширувањето веќе не е само технички пристапен процес. Тоа е стратегиска инвестиција во безбедноста, стабилноста и конкурентноста на Европа. Безбедна и просперитетна Европа не може да биде целосна без целосна интеграција на Западен Балкан“, порача Муцунски.
Тој ја потврди целосната посветеност на Северна Македонија кон членството во Европската Унија, нагласувајќи дека европската интеграција претставува национален проект насочен кон посилни институции, подобри можности за граѓаните и посигурна иднина за младите.
Притоа истакна дека кредибилитетот на процесот на проширување зависи од почитувањето на преземените обврски, предвидливоста на процесот и принципот на заслуги.
Муцунски посочи дека државата останува посветена на развојот на транспортната, енергетската и дигиталната инфраструктура, како и на зајакнувањето на регионалната поврзаност преку коридорите 8 и 10, кои ги оцени како стратегиски значајни за регионот и за европската интеграција.
На крајот од обраќањето, Муцунски порача дека иднината на Југоисточна Европа е неразделно поврзана со иднината на Европа и дека регионот има потенцијал да биде активен придонесувач кон европската безбедност и просперитет.
„Цврсто сум убеден дека силните идентитети не треба да се градат преку напади врз идентитетите на другите луѓе. Во Европа во 21 век, треба да имаме капацитет да ги негуваме нашите разлики и да не бидеме врзани за прашања од минатото поврзани со идентитетот, историјата и јазикот. Заемниот интерес на двете земји е да се движат напред, кон заедничка цел - полноправно членство во Европската Унија“, изјави Муцунски за бугарските медиуми по состанокот.

















