| Macedonian
РЕГИОН
3 мин читање
Сиљановска Давкова-Пелегрини: Сите земји кандидатки треба да имаат еднаков третман на патот кон ЕУ
Го поздравувам словачкиот став дека идентитетските и културните прашања не треба да бидат предмет на политички условувања и преговори, изјави претседателката на заедничката прес-конференција со словачкиот претседател Петер Пелегрини
Сиљановска Давкова-Пелегрини: Сите земји кандидатки треба да имаат еднаков третман на патот кон ЕУ
Таа посочи дека со претседателот Пелегрини разговарале и за можностите за унапредување на економската соработка / Others

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од Братислава порача дека Македонија заслужува да биде третирана рамноправно во процесот на европска интеграција и да биде оценувана исклучиво според Копенхашките критериуми, без идентитетски и културни условувања.

На заедничката прес-конференција со словачкиот претседател Петер Пелегрини, според соопштението на Кабинетот, претседателката Сиљановска Давкова изрази благодарност за поддршката што Словачка ѝ ја дава на земјава на патот кон Европската Унија и оцени дека денешните разговори ќе придонесат за натамошно зајакнување на билатералните односи.

„Го поздравувам словачкиот став дека идентитетските и културните прашања не треба да бидат предмет на политички условувања и преговори. Почитувањето на културниот интегритет на секој народ е суштината на европската идеја“, истакна претседателката.

Осврнувајќи се на евроинтегративниот процес, таа оцени дека земјата предолго чекори кон Брисел, соочувајќи се со пречки што, како што рече, се спротивни на природата и вредностите на Европската Унија.

„Европа е наш природен дом – географски, историски и културно. Она што го бараме е да бидеме третирани како сите други и да добиеме можност да се фокусираме на реформите и владеењето на правото, наместо на билатерални прашања што немаат врска со Копенхашките критериуми“, нагласи Сиљановска Давкова.

Таа посочи дека со претседателот Пелегрини разговарале и за можностите за унапредување на економската соработка, при што биле нотирани позитивните поместувања во трговската размена, инвестициските активности и контактите меѓу стопанствениците од двете земји.

Како што истакна, дополнителни можности за соработка постојат во областа на енергетиката, иновациите, зелената транзиција, инфраструктурата и туризмот. Како значајни чекори ги издвои одржувањето на Бизнис-форумот во Скопје, првата седница на Заедничката комисија за економска соработка во Братислава и воспоставувањето на авиолинијата Охрид-Братислава.

Во фокус на разговорите биле и образованието, науката и културата.

Сиљановска-Давкова ја поздрави соработката меѓу универзитетите и програмите за студентска размена, нагласувајќи ја важноста на заедничките истражувачки проекти.

Таа посебно го истакна интересот за македонскиот јазик и култура во Словачка, наведувајќи го отворањето на Лекторатот за македонски јазик на Универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра, повторното воведување на наставата по македонски јазик и објавувањето на првиот учебник по македонски јазик за словачки студенти.

„Цврсто верувам во моќта на културната дипломатија. Сите овие податоци сведочат за блискост што ги надминува политичките рамки“, рече претседателката.

На средбата е разговарано и за безбедносните предизвици во Европа и за претстојниот Самит на НАТО.

Сиљановска Давкова истакна дека Македонија, како членка на Алијансата и земја со целосно усогласена надворешна и безбедносна политика со ЕУ, ќе продолжи да придонесува за колективната и регионалната безбедност.

„Интеграцијата на Западен Балкан не е само политичко туку и безбедносно и стратегиско прашање во време на геополитички превирања и тектонски промени на меѓународниот поредок“, порача Сиљановска-Давкова, изразувајќи уверување дека македонско-словачкото пријателство и соработка ќе добијат нова динамика во наредниот период.

Повеќе
Најмалку 21 лице загина во пожар во хотел во Њу Делхи
Седуммина убиени во украински напад со дрон врз автобус во Донецк, кој е под руска контрола
Украински дрон предизвика пожар на нафтен терминал во Санкт Петербург
Рубио: Планот на Нетанјаху да окупира 70% од Газа е во конфликт со планот на Трамп за енклавата
Болничар во Либан убиен од израелски дрон и покрај прекинот на огнот
Финансиска полиција: Приведени повеќе лица осомничени дека го искористиле своето влијание
Трамп му даде поддршка на Есприела за претседател на Колумбија
Иран започна два брана напади врз американските бази во Заливот
САД го нападнаа иранскиот остров Кешм
Средба Ердоган - ал-Бурхан: Анкара продолжува со напорите за запирање на крвопролевањето во Судан
Сиљановска Давкова: Европа е наш природен природен дом, бараме еднаков третман
Рубио: Иран се согласи да преговара за аспекти на неговата нуклеарна програма
Фидан во Сингапур: Тековните кризи да се решаваат со дијалог и дипломатија
Ердоган и Јетен разговараа за односите Туркије-Холандија, регионалните и глобалните прашања
Стапката на сиромаштија во Германија достигна нов рекорд