Рускиот претседател Владимир Путин го посети Итуруп, еден од островите во спорниот синџир Курилски Острови за кој претензии имаат и Русија и Јапонија, за време на посетата на рускиот регион Сахалин, објави руската државна новинска агенција ТАСС.
Како што е прикажано на снимката објавена од прес-службата на Кремљ, Путин го посетил комплексот за преработка на риба „Јасни“, објави ТАСС.
Путин вчера рече дека Јапонија продолжува да има територијални претензии кон неговата земја во врска со Курилските Острови и дека Москва имала конструктивни односи со Токио по ова прашање за време на администрацијата на поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе.
„Сега, за жал, гледаме промени во ставовите кои, нагласувам, на никаков начин не беа предизвикани од наша страна“, додаде тој.
Јапонија и Русија и понатаму се во територијален спор околу четирите најјужни Курилски Острови, односно Еторофу, Кунашири, Шикотан и островчињата Хабомаи, кои се под руска контрола, но Јапонија ги нарекува Северни Територии.
Спорот го спречува потпишувањето мировен договор меѓу двете земји од Втората светска војна, а тензиите дополнително се продлабочија во последните години поради санкциите на Јапонија кон Русија поради руско-украинската војна.



























