Светскиот ден на здравјето, кој традиционално се одбележува на 7 април, во 2026 година испраќа силна глобална порака и повик за поддршка на науката. Во тој контекст, овогодишната тема, дефинирана од Светската здравствена организација (СЗО), гласи: „Заедно за здравје. Бидете на страната на науката“, со што се означува почетокот на едногодишна кампања насочена кон истакнување на значењето на научната соработка во заштитата на здравјето и одржливоста на екосистемите, објави Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија.
„Имено, фокусот е ставен на концептот „Едно здравје“ (One Health) – интегриран пристап кој ја нагласува тесната поврзаност помеѓу луѓето, животните, растенијата и планетата, укажувајќи дека здравјето произлегува од сложени и меѓусебно зависни системи. Иницијативата ја обединува глобалната заедница околу клучната порака дека здравјето не може да се заштити без наука, соработка и одлуки темелени на докази, Во таа насока, СЗО ги повикува владите, научниците, здравствените работници, партнерите и пошироката јавност да бидат на страната на науката преку користење и почитување на докази, факти и научно засновани насоки за заштита на здравјето, да ја обноват довербата во науката и јавното здравје и да поддржат научно засновани решенија за поздрава иднина“, се вели во објавата на ИЈЗ.
Потсетуваат дека здравјето на луѓето, животните и екосистемите е нераскинливо поврзано. На глобално ниво, заразните болести што се појавуваат во последните години, во околу 60% од случаите, потекнуваат од животни.
„Урбанизацијата, климатските промени и деградацијата на екосистемите создаваат нови ризици за нивно ширење. Ова јасно укажува дека предизвиците поврзани со здравјето на луѓето не можат да се решат изолирано, туку бараат координиран, мултисекторски пристап кој ги поврзува здравството, ветеринарството, екологијата, земјоделството и другите области“, потсетуваат од ИЈЗ.
Истакнуваат дека науката игра централна улога во овој процес, овозможувајќи :
• рано откривање и следење на болести
• развој на вакцини и терапии
• подобрување на безбедноста на храната
• заштита на животната средина
• справување со антимикробната резистенција
Научните докази имаат вредност само кога се претвораат во конкретна акција. Токму затоа, СЗО ја нагласува важноста на партнерствата и мултилатералната соработка како предуслов за ефективни политики и одржливи решенија.
„Пандемијата со COVID-19 дополнително ја истакна потребата од ваков интегриран пристап, покажувајќи дека глобалните закани по здравјето на луѓето најчесто произлегуваат токму од интеракцијата помеѓу човекот, животните и животната средина. Концептот One Health подразбира подобра превенција на болести, поефикасна подготвеност и одговор, подобро управување со здравствените ризици за посигурна и одржлива иднина. Тој се применува на сите нивоа, од локално до глобално, а се темели на координација, споделување информации и заедничко дејствување“, се додава во соопштението на ИЈЗ.
Истакнуваат дека во РСМ, ваквиот интегриран пристап е од особена важност.
„Земјата се соочува со значајни јавно-здравствени предизвици поврзани со факторите на ризик, како што се нездравите животни навики, загадувањето на воздухот и водите, што ја нагласуваат поврзаноста помеѓу здравјето и животната средина. Преку активностите на јавно-здравствениот систем, меѓу кои и националните програми за имунизација, скрининг и здравствена промоција, се прават континуирани напори за подобрување на здравјето на населението.“
Податоците што се обезбедуваат во системот на евиденции во здравството и анализите на овие податоци во Институтот за јавно здравје и центрите за јавно здравје, претставуваат добра основа за донесување информирани одлуки и креирање политики, при што континуираното јакнење на довербата во препораките засновани на науката е клучно за постигнување одржливи резултати.
„Во време на глобални предизвици, од заразни болести до климатски промени секој од нас треба да избира проверени информации и да се води од научни докази, придонесувајќи за развој на заедницата“, порачуваат од Институтот за јавно здравје.












