| Macedonian
Мислење
ВОЈНА ВО ГАЗА
5 мин читање
Дехуманизација и фикција без која Израел не може да опстане
Израел половина век ни раскажува приказни: ниту една од нив не е за Палестинците, туку сите се за тоа зошто Израел „мора“ да продолжи да ги убива
Дехуманизација и фикција без која Израел не може да опстане
Израелската политика на дехуманизација на Палестинците има историја стара колку и самата окупација

Мохсен ал Атар

Д-р Мохсен ал Атар е виш предавач по меѓународно право на Универзитетот „Ксиан Џиаотонг-Ливерпул“

Тешко е да се сфати какво е чувството да се биде Палестинец во овие времиња. 

Таканаречениот „Одбор за мир“ го слави постигнатиот напредок, додека членовите на израелскиот парламент (Кнесет) ја потврдуваат својата амбиција за етничко чистење на Палестинците од Газа; додека Израелците уриваат рекорден број домови на Западниот Брег; додека ОН изразуваат жалење поради отровните појави што дополнително ја влошуваат бедата на животите на раселените цивили; и додека Германија ја оправдува својата безусловна поддршка за Израел пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), и покрај десетиците илјади загинати деца- бројка што постојано расте.

Во декември 2023 година, додека геноцидното насилство на Израел земаше замав, шефот на ОН за човекови права, Фолкер Турк, предупреди дека „дехуманизацијата на Палестинците е многу вознемирувачка и мора веднаш да престане“. 

Всушност, израелската политика на дехуманизација на Палестинците има историја стара колку и самата окупација.

Израелската политика на дехуманизација

Уште во 1969 година, тогашната израелска премиерка Голда Меир изјави дека „не постои такво нешто како Палестинци“. Тоа беше само почеток. 

Друг поранешен премиер, Менахем Бегин, ги нарече „ѕверови што одат на две нозе“- слика што ја повтори и актуелниот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој ги оквалификува како диви ѕверови. 

Според тогашниот министер за одбрана, Моше Дајан, тие биле кучиња, погодни само за да „продолжат да живеат како кучиња“. А поранешниот премиер Ехуд Барак, кој важи за прогресивец, го претстави регионот како џунгла, а Израел како осамена „вила“ во неа- додека зад ѕидот живеат чудовишта.

Ова не е само политички феномен. Шмуел Агнон, добитник на Нобеловата награда за литература, ги опиша Палестинците како кучиња и, како „добар романописец“, додаде живописни придавки како што се измамнички, валкани и недостоинствени. 

Во песна што се искачи на врвот на израелските топ-листи, израелскиот рапер Саблиминал (Subliminal) ги осуди Палестинците како „глутница стаорци“ кои „ќе умрат во своите дупки за стаорци“. 

Бројни студии за израелските книги и цртежи за деца покажуваат дека Палестинците се прикажани како свињи, чудовишта, отровни змии и разни други заканувачки животни.

Како зрак надеж, паралелно со ширењето на израелските практики на дехуманизација, забележуваме и пораст на критиките упатени кон нив. 

Во 2024 година, една година по почетокот на израелскиот геноцид, водечкото светско медицинско списание Лансет (The Lancet) објави текст токму на оваа тема, упатувајќи предизвик до здравствените работници кои го поддржуваат израелското насилство: „Оправдувањето на неселективните израелски напади од страна на некои здравствени работници е можно само поради дехуманизацијата на палестинскиот народ, која се заснова на расни предрасуди“. 

Највпечатливо беше признавањето од страна на списанието дека таа дехуманизација има намерен карактер: „Ширењето на верувањето дека некои животи имаат помала вредност и помало право на самоопределување- обично засновано на расистички или дискриминаторски сфаќања за вредноста-  претставува фундаментален чекор кон создавање прифаќање на масакрите“.

Би било погрешно дехуманизацијата да се сведе само на реторика или пропаганда. И двете се активности насочени кон надвор, кои лесно можат да се побијат. 

Дехуманизацијата навлегува подлабоко: таа е социо-образовна кампања осмислена трајно да го обликува начинот на кој се перципира еден народ, сведувајќи го на пониска категорија на постоење, под прагот на кој тој би имал право на какви било права. 

Целта на дехуманизацијата е да се постигне трајна форма на доминација- таква што, прво, го одредува третманот на предметната група (како во масакрите опишани од Лансет) и, второ, ја диктира самата дефиниција за тоа кои се тие.

Кршлива фикција

Оваа дехуманизација е подеднакво насочена и кон Израелците, ослободувајќи го населението од каква било вина или грижа на совест поради насилството извршено во негово име. 

Децата што се учат дека Палестинците се заканувачки животни чија цел е да им наштетат, растат без сочувство кон своите соседи. Затоа, не е изненадувачки што мнозинството од израелското општество активно го поддржува геноцидот, ниту пак тоа што мнозинството сега повикува на етничко чистење - не само во Газа, туку и на Западниот Брег и во Ерусалим.

Односот е двонасочен: дехуманизацијата го легитимира насилството, исто како што насилството се користи за да се одржи дехуманизацијата. 

Уривањето училишта и болници, разнесувањето рибарски чамци и соборувањето на пуштени змејови се чинови на уништување, но и на одржување на состојбата, со цел да се зачува фикцијата за палестинската „нехуманост“.

Зашто таа фикција е кревка- ако палестинските деца се видат како читаат книги или пуштаат змејови, вештачки создадената слика за „животното“ се урива. 

Ако се прикаже дете со завои на рацете и солзи во очите, човечкото избива во преден план, принудувајќи ги Израелците не да прашуваат за палестинската „нехуманост“, туку да се соочиме со нехуманоста на она што го прави Израел.

Израел веќе половина век ни раскажува приказни: ниту една од нив не е за Палестинците, туку сите се за тоа зошто Израел „мора“ да продолжи да ги убива. 

Токму затоа детскиот змеј „мора“ да биде соборен од небото- не затоа што го загрозува Израел, туку затоа што ја загрозува приказната што Израел треба да си ја раскажува себеси и на светот за да може да го продолжи својот геноцид. 

По три години геноцид, можеби е време наместо тоа, да почнеме да ги слушаме палестинските приказни.

Извор: АА

Забелешка: Ставовите изразени во овој напис му припаѓаат на авторот и не ја одразуваат нужно уредувачката политика на ТРТ Балкан

Повеќе
Двајца Палестинци убиени во најновите израелски напади во Газа
Хималаите се приближуваат кон критична точка бидејќи глечерите се топат побрзо
Кина отвори ДНК-механизам и линија за исчезнатите во катастрофата меѓу Непал и Тибет
Ликуд презема чекори за исклучување на две арапски партии од октомвриските избори за Кнесетот
Кац: Ќе го елиминираме секој што ќе се приближи до гребенот Али ал-Тахер во јужен Либан
Шведската левица води со три места во тесна изборна трка
Трамп: Обединувањето на Ирска, една од најприродните работи на сите времиња
Бес во Австралија поради расистичките забелешки на лидерката на „Една нација“ за домородните луѓе
Фидан: Интеграцијата на вооружените групи е клучна за суверенитетот и интегритетот на Сирија
Избрана новата Влада на Косово, Курти пак премиер
Владата го намали ДДВ-то за дизелот од 18 на 10 проценти
AфД поднесе кривична пријава против Мерц поради обвинувања за етничко чистење
„Раздружување 710“: Новиот план на екстремистичкиот министер Бен-Гвир за етничко чистење на Газа
Дали победата на AфД во Саксонија-Анхалт ќе ја турне Германија во политичка криза?
Турската Аризона ги воодушевува посетителите