| Macedonian
СПОРТ
2 мин читање
УЕФА направи промени во Лигата на нациите и во квалификациите за Европското првенство
Наместо досегашните четири лиги со групи од по четири репрезентации, од сезоната 2028/29 ќе постојат три лиги со по 18 селекции, a секоја лига ќе биде поделена во три групи со по шест репрезентации
УЕФА направи промени во Лигата на нациите и во квалификациите за Европското првенство
Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, нагласи дека новиот формат ќе донесе поголема рамнотежа и поконкурентни натпревари / Reuters

УЕФА од сезоната 2028/29 ќе воведе нов систем на натпреварување во Лигата на нации, како и промени во квалификациите за Европско првенство.

Новите формати денеска беа официјално потврдени од Европската куќа на фудбалот, а системот ќе биде сличен на актуелниот модел што се користи во клупските натпреварувања на УЕФА.

Наместо досегашните четири лиги со групи од по четири репрезентации, од сезоната 2028/29 ќе постојат три лиги со по 18 селекции. Секоја лига ќе биде поделена во три групи со по шест репрезентации, а секоја селекција ќе одигра пет натпревари против пет различни противници.

Поради тоа што во Лигата на нации настапуваат вкупно 55 репрезентации, во Лигата Ц ќе има една група со седум селекции, што значи дека натпреварувањето во таа група ќе започне порано.

Завршниот дел од турнирот нема да претрпи промени- „фајнал-фор“ турнирот останува, како и баражите за промоција и испаѓање меѓу лигите.

Промени ќе има и во квалификациите за Европското првенство. Новиот систем ќе биде поделен на две нивоа: Лига 1, составена од 36 репрезентации од Лига А и Б во Лигата на нации, и Лига 2, во која ќе бидат останатите 18 или 19 селекции.

Во Лига 1 ќе има три групи со по 12 репрезентации. Секоја селекција ќе одигра шест натпревари- дома или на гости- против шест различни противници, по две селекции од секоја група, по модел сличен на клупските натпреварувања на УЕФА.

Лига 2 ќе се игра според истиот принцип како сегашната Лига Ц во Лигата на нации.

Иако домаќините на Европското првенство ќе имаат директен пласман на завршниот турнир, тие сепак ќе учествуваат во квалификациите со цел да се одреди нивниот пласман за следното издание на Лигата на нации.

Најдобропласираните репрезентации од секоја група во Лига 1 директно ќе обезбедат место на Европското првенство, додека останатите места ќе се пополнуваат преку бараж-систем, што треба да обезбеди рамноправна можност и за селекциите од Лига 2.

Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, истакна дека новиот формат ќе донесе поголем баланс и поконкурентни натпревари.

„Новите формати ќе ја подобрат рамнотежата во натпреварувањето, ќе го намалат бројот на нерешени натпревари и ќе понудат поатрактивен и подинамичен фудбал за навивачите, без дополнителни термини во меѓународниот календар“, изјави Чеферин.

Повеќе
Туркије: Предлогот за цевковод на НАТО ќе го зајакне источното крило на Алијансата
Дел од земјите членки на ЕУ предлагаат „чекор по чекор“ интегрирање на Западен Балкан
ЕУСАИР: Регионалната соработка останува клучна за европската интеграција на Западен Балкан
Путин: Oдносите меѓу Русија и Кина се на историски највисоко ниво
Вучиќ патува во посета на Кина
Советот на ЕУ и Европскиот парламент постигнаа договор за трговскиот договор со САД
Путин и Си потпишаа декларација за мултиполарен свет на самитот во Пекинг
САД покрена нова истрага против Мадуро преку обвинителството во Мајами
Трамп: САД многу брзо ќе стават крај на војната со Иран
Туркиjе ја предупреди Грција да не ја искривува историјата поради тврдењата за Понт
Еболата се шири брзо во централна Африка, СЗО прогласи вонредна состојба
Кандидатурата на Јанез Јанша за премиер поднесена до Народното собрание
Трамп: САД можеби ќе мора повторно да го нападнат Иран, Техеран моли за договор
Сириски војник загина, неколкумина се повредени во бомбашки напад со автомобил во Дамаск
Хрватска усвои закон за долгорочни визи за македонските камионџии