Од почетокот на примената на системот „Безбеден град“ се евидентирани над 130 000 сообраќајни прекршоци, а повеќе од 95% од нив се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Од МВР потенцираат дека податоците се показател оти најголемата опасност на патиштата не се камерите, туку неодговорното возење.
Според МВР, спроведувањето на „Безбеден град“, како што посочуваат од МВР, придонело кон намалување на бројот на жртви во изминатите пет месеци споредено со истиот период минатата година.
„Резултатите веќе го потврдуваат тоа. Во периодот од февруари до јуни оваа година, бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди е намален за 40% - од 55 жртви во истиот период минатата година, на 34 оваа година. Продолжуваме со неговата имплементација низ целата држава, затоа што нашата цел не е да изрекуваме повеќе казни, туку да имаме помалку сообраќајни несреќи, помалку изгубени животи и побезбедни патишта за сите. ‘Безбеден град’ е технологија што спасува животи. Безбедноста нема алтернатива“, соопшти МВР.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски неодамна најави дека системот „Безбеден град“ наскоро ќе почне да евидентира и да испраќа казни за сторени сообраќајни прекршоци и до странските државјани.
Возачите кои со странски таблички со огромна брзина транзитираат низ македонските автопати во моментов се евидентираат во системот „Безбеден град“, но финалните сообраќајни казни до нивните домашни адреси сѐ уште нема да пристигнуваат сè додека целосно не се надгради софтверот.
Додека трае овој преоден период, брзите странски возила на коридорите 8 и 10 ќе бидат санкционирани исклучиво на самото место од страна на полициските службеници со возила „пресретнувачи“ кои се во континуитет присутни на теренот.
„Системот ‘Безбеден град’ функционира и ќе се однесува за сите, без разлика дали е со македонски или со странски регистарски таблички. Брзо ќе бидете сведоци на целосна, комплетна имплементација на вториот чекор кој се однесува на достава на казните за оние кои управуваат странски регистарски возила“, кажа Тошковски.
Системот „Безбеден град“ за автоматско евидентирање на сообраќајните прекршоци функционира од 1 февруари годинава, а до 22 јуни се евидентирани над 120 000 сообраќајни прекршоци.
















