Американските амбасади низ Европа издадоа координирано безбедносно предупредување за американските државјани, во кое се предупредува на можни терористички напади во пресрет на празничната сезона.
„Американските државјани треба да бидат внимателни на својата околина и да применуваат соодветни мерки за лична безбедност, како и да бидат свесни за случувањата околу нив“, соопшти Амбасадата на САД во Лондон во врска со безбедносното предупредување за Велика Британија и остатокот од Европа.
Наведувајќи дека масовните собири и јавните настани може да претставуваат „погодна цел за терористички групи и криминалци“, во соопштението се предупредува дека терористичките напади може да бидат насочени кон туристички локации, како што се пазари, транспортни центри, трговски центри, верски објекти и други јавни простори.
„Американските државјани треба да бидат особено внимателни на празничните фестивали и настани, како и на други места со голем број луѓе“, се додава во соопштението.
Амбасадата предупреди и дека во текот на празничната сезона низ Европа и понатаму се можни нарушувања на патувањата и секојдневниот живот.
Исто така, потсети дека овој месец во повеќе европски земји имало лажни дојави за поставени бомби насочени кон цивилниот воздухопловен сообраќај, поради што биле нарушени авиосообраќајните операции.
„Американските државјани треба да ги следат локалните вести за време на патувањата во странство во текот на празничната сезона, за да бидат информирани за локалните настани или случувања што би можеле да го нарушат транспортот или секојдневниот живот“, се наведува во соопштението.
Амбасадата ги повика и сите американски државјани во странство да се регистрираат во Програмата за пријавување на патници во странство (СTEП), за да ги добиваат најновите безбедносни информации за дестинациите во кои престојуваат.






















