Американскиот претседател Доналд Трамп ги негираше извештаите дека САД се соочуваат со недостиг од клучна муниција, инсистирајќи дека земјата има доволно залихи и предупреди дека оние што се одговорни за протекување на таквите тврдења ќе се соочат со кривично гонење.
„САД имаат огромни количини на „муниција“, особено од одредени видови“, напиша Трамп во објава на неговата платформа Truth Social. „Дополнително, големи количини се произведуваат и се испорачуваат во САД по потреба. Одбранбените компании градат најголем број фабрики и постројки во историјата на нашата земја.“
„Свиркачите“ на овие предавнички изјави ќе бидат затворени“, додаде тој. „Ќе се бараат долгогодишни затворски казни!“
Изјавата дојде откако повеќе американски медиуми објавија дека исцрпените залихи на пресретнувачи влијаеле врз одлуката на администрацијата да одложи дополнителни напади врз Иран.
Според „Вашингтон пост“, Трамп се судрил со министерот за одбрана Пит Хегсет за време на состанокот на кабинетот минатата недела во Кемп Дејвид во Мериленд поради сериозниот недостиг на муниција што ги ограничил воените опции против Иран.
Белата куќа и Пентагон го негираа извештајот.

















