Вечерва во Скопје во рамките на „Фестивалот на чајот“ се одржа промоција на турскиот чај, на кој беа истакнати неговите карактеристики, но и претставување на чајот како дел од вековната турска култура и традиција.
На „Фестивалот на чајот“ кој се одржува во Скопје Сити мол од 30 октомври до 1 ноември, во знакот на „Ароматичната моќ на билките“, беше презентиран турскиот чај.
На настанот пред присутните се обрати турскиот амбасадор во Скопје, Алпер Акташ. Во својот говор тој ги поздрави сите учесници на „Фестивалот на чај“ во Скопје, изразувајќи го своето задоволство што има можност да присуствува на настанот. Амбасадорот Акташ потенцираше дека чајот зазема важно место во турската култура на живеење.
Во името на Институтот „Јунус Емре“ во Скопје се обрати Бекир Ибиш, одговорен за култура и уметност при овој институт.
„Чајот не е само пијалок, чајот е дел од секојдненвиот живот на нашата традиција. Исто така, чајот е симбол на пријателството и дружењето. Им благодарам на организаторите на овој фестивал. Драго ми е што се организираат ваквите настани на кои имаме можност да ги споделиме нашите култури и традиции“, рече Ибиш.
По пригодните обраќања присутните беа почестени со чај и специјалитети од турската кујна.
Со спојот на дегустации, традиционални практики, културни содржини и едукативни активности, единаесеттото издание на Фестивалот на чај, понуди три денови посветени на ароматичните билки, нивната употреба и културното наследство што го носат.
Фестивалот го организираат Центарот за истражување и промоција на природата и културата „Експедиција ПРИРОДА“/МРК Дијалог и Скопје Сити Мол.




















