| Macedonian
СВЕТ
2 мин читање
Масовна евакуација на жители и туристи во Франција по шумските пожари
Повеќе од 43.000 жители и туристи се евакуирани бидејќи шумските пожари продолжуваат да се шират во Југозападна Франција
Масовна евакуација на жители и туристи во Франција по шумските пожари
Масовна евакуација на жители и туристи во Франција по шумските пожари

Повеќе од 43.000 жители и туристи се евакуирани бидејќи шумските пожари продолжуваат да се шират во Југозападна Франција, соопштија денес властите, пренесува радиодифузерот БФМ.

Во најголемиот пожар во близина на брегот Аркашон и полуостровот Кап-Фере во Жиронд изгорени се повеќе од 8.700 хектари, според префектурата.

Властите наредија евакуација на целиот полуостров Кап-Фере откако пожарот напредуваше во текот на ноќта.

Во шумскиот пожар во близина на Бискарос, во соседниот департман Ланд, изгорени се повеќе од 2.500 хектари земјиште, поради што се евакуирани над 23.000 луѓе, меѓу кои жители, кампери и туристи, соопштија локалните власти.

Францускиот претседател Емануел Макрон соопшти дека Франција го активирала Механизмот за цивилна заштита на ЕУ.

Тој изјави дека два хрватски авиона „Канад ер“, два португалски авиона „Ер трактор“ и чешки и словачки хеликоптери „Блек Хок“ ќе ги зајакнат напорите за гаснење на пожарите.

Околу 800 пожарникари остануваат распоредени во Жиронд, а приближно 600 се борат со пожарот во Ланд, соопштија француските власти.

Директорот за цивилна безбедност Жилиен Марион за радиостаницата РТЛ изјави дека двата пожара биле „целосно непредвидливи“.

„Тие се развиваат и се шират многу брзо“, рече тој, додавајќи дека токму затоа властите наредиле превентивни евакуации.

Марион, исто така, додаде дека речиси 50.000 хектари се изгорени во Франција од почетокот на сезоната на пожари, опишувајќи ја како „целосно невидена сезона на пожари“.

Властите утринава пуштија во функција поморски чамци за евакуација од полуостровот Кап-Фере, а евакуацијата по копнен пат продолжува преку автопатот Д106.

Пловидбата низ басенот Аркашон беше привремено прекината за да се олесни евакуацијата, соопшти поморската префектура.

Според префектурата, сè уште нема пријавено повредени лица во пожарот во Жиронд.

Жил Клавреул, префект на департманот Ланд, за телевизијата БФМ изјави дека пожарот кај Бискарос и понатаму е „надвор од контрола“ откако се проширил во текот на ноќта.

Националната служба за шумски пожари на Франција ја стави областа Горна Гарона под највисоко предупредување за шумски пожари денес, додека 27 департмани останаа под портокалово предупредување за зголемен ризик од пожари, вклучително и Жиронд, Ланд и Вар.


Повеќе
Мицотакис: Нема да има предвремени избори наесен, ќе бидат редовни во 2027 година
Масовна евакуација на жители и туристи во Франција по шумските пожари
ЕУ изненадена од новите тарифи наметнати од САД
Четворица Палестинци убиени во напад на израелската армија и доселеници кај Наблус на Западниот Брег
Туркије ги испраќа првите пилоти во Велика Британија за обука на Еурофајтер
Изгласана реконструкцијата на Владата на Црна Гора, именувани четири нови министри
Стапија на сила новите царини на САД за над 60 држави поради увоз од принудна работа
Трамп ќе замрзнува ирански средства за надомест на штетите во Ормутскиот Теснец
Кина и АСЕАН повикаа на итен прекин на непријателствата на Блискиот Исток
Иран го отфрли предлогот за примирје со САД доставен преку ирачкиот премиер Заиди
Трамп: Размислувам за нов масовен напад против Иран
Трамп: Би се сретнал со Нетанјаху ако допатува во САД следната недела
Туркије остро го осудува израелскиот напад предводен од министерот врз џамијата Ал Акса
Зеленски: До есен нови трилатерални разговори Киев – Москва – Вашингтон
Рубио: Имавме добар разговор со Лавров во Манила