Фудбалскиот судија Бењамин Керими, кој суди во Првата македонска фудбалска лига учествува на UEFA CORE (Centre of Refereeing Excellence), за млади и перспкетивни судии од цела Европа, а се одржува во Нион, Швајцарија, седиштето на Унијата на европските фудбалски асоцијации (УЕФА). Првиот дел од курсот се одржа од 17 до 24 март 2026, а другиот дел е предвидено да се одржи во месец октомври, исто така оваа година.
Во разговор за ТРТ Балкан, Керими говори за важноста да се биде дел од овој курс, можноста да се стекнат нови знаења, но и за тоа како учеството на меѓународни едукациски програми за фудбалските судии го развива севкупниот квалитет на домашниот фудбал.
„Чест и привилегија е да се учествува на тој курс, затоа што земаат учество само 12 држави, 12 главни судии и 12 асистенти, меѓу кои судии од од најреномираните и најрпофесионалните фудбалски лиги од Европа. Првиот дел траеше 7 дена, поминавме тренажни обуки, физички проверки, едукација, а до следната обука, до завршниот курс имаме 6 месеци кој ќе се одржи во октомври. За тој период, од страна на УЕФА имаме назначено тренери, односно ментори кои што ја следат нашата работа, ги следат нашите натпревари, домашните натпревари и имаме кондиционен тренер, којшто ни ги следи сите тренери и активности, ни испраќа тренинг програма. Ние за таа програма враќаме „фидбек“ со остварените тренинзи и со тоа добиваме резултати за успешно положување на курсот“, вели Керими, појаснувајќи што всушност претставува UEFA CORE курсот.
Што значи да се биде дел од UEFA CORE 63 курост?
Тој истакнува дека самото учество на курсот претставува потенцијал кој вреди да се искористи во контекст на развој на професионалните вештини на младите и перспективни судии.
„Како што на секој фудбалер му е сон да заигра во најелитните европски натпреварувања, така и за нас судиите претставува сон да се учествува на тие натпревари како делители на правдата, односно како судии. Уште од првото присуство таму чувствуваш дека тоа што го работиш измнатите години е кулминација на целиот изминат труд и благодарение на раководството на ФФМ, добиваш можност трудот и квалитетот што го поседуваш да го споделиш и пренесеш со најреномирани европски судии во УЕФА. Од УЕФА CORE курсот имаат излезено најелитните и најдобрите судии во Европа, судии што имаат судено финале на Лига на шампиони, светски првенства… Затоа, ова се смета како еден вид почеток на долга и успешна кариера. Тоа е првиот степен, каде талентиран судија со ментори, се следи од страна од УЕФА, за развојот на понатамошната кариера“, нагласува Керими.
„УЕФА го препознава нашиот квалитет“
Според него, македонските спортисти и генерално, луѓето од светот на спортот, не се ниту ниво подолу од оние од европските земји.
„Македонија не е далеку, ниту ниво подолу од европските земји, доказ за тоа е назначувањето за фитнес главен тренер кој доаѓа од Македонија, за сите судии во Европа. УЕФА тоа го препознава квалитетот, затоа ни дава шанса, како на УЕФА инструкторите, односно контролорите, ние и тука се усовршуваме и имаме обуки, четири пати годишно имаме семинари и се едуцираме. Обуките ги држат судиската комисија кои се членови и контролори на европските натпревари. Со самото присуство таму, со спој на различни култури, да имаме контрола, менаџирање на натпреварот, обуките ми помонгнаа многу со цел да го дадам најдоброто од себе. Сметам дека до завршување на курсот до октомври ќе ја постигнам предвидената цел, за проценка на моето усовршување“, додава Керими.
Како што појаснува, во август или септември ќе има претставници од УЕФА, кои ќе следат натпревар кој тој ќе биде судија во домашно првенство, а за сите натпревари што ги суди, според предвидената програма, исрпаќа видео снимки и за секој натпревар од ментор назначен од УЕФА добива евалуација за судењето.
Бењамин Керими својата кариера на фудбалски судија ја започна во 2015 година, судејќи Детска лига, а по 11 години, со изборот од ФФМ да го посетува овој курс како главен судија, а Борис Трајков како асистент судија, доби можност, како што потенцира, да учи од врвни професионалци.
„Верувам дека ќе дадам се од себе тоа да биде најдобро и за федерацијата и за домашниот фудбал“, смета Керми.
Програмата CORE е активна веќе 16 години, во чии рамки досега поминале околу 300 судии и асистенти, а повеќе од 60 се промовирани на интернационалните листи на ФИФА, што е потврда за нејзиниот кредибилитет, важност и успех.
Курсот се одвива под водство на респектабилни судиски контролори и докажани ФИФА судии, во организација на УЕФА. Теоретска настава, анализа на натпревари и ВАР ситуации, тестови за правила, психолошка подготовка, комуникација со играчи, физички тренинзи и фитнес тестови, се само дел од содржините опфатени во содржинските активности наменети за учесниците на UEFA CORE 63.
Освен македонски претставници, на курсот учесвуваат и претставици од Англија, Италија, Холандија, Шкотска, Полска, Унгарија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Финска, Малта и Молдавија.
Како е да се биде фудбалски судија?
Говорејќи за тоа како е да се биде фудбалски судија и што се со себе носи делењето на правдата на теренот, Керими појаснува дека судиите секогаш настојуваат да имаат помалку грешки и да бидат беспрекорни во својата задача.
„Сите судии сакаат да имаат што помалку грешки на теренот. Секако, ние не сме роботи, ниту машини, за нигакош да не згрешиме, но најважно од се е да немаме тенденција во нашите грешки. Благодарение на претседателот Масар Омерагиќ, којшто од самото доаѓање, првата работа што ја направи за судиите, го воведе ВАР системот и со тоа грешките се сведени на минимум, би рекол и воопшто веќе ги нема. Грешките се случуваат на терен, но преку ВАР собата, тие грешки се корегираат. На крајот, најважно е фудбалот да победи, екипите да бидат задоволни од делењето на правдата и ние судиите да излеземе со крената глава и со интегритет“, вели Керими.
Подобрени услови
Во однос на условите во кои работат фудбалските судии во земјата, тој вели дека треба да се има в предвид дека во рамките на ФФМ се и судиите, односно Судиската организација, за која истакнува дека во „изминатите години била запоставена, но со новото раководство, за половина се покачени таксите за фудбалските судии, без изоставување на ниту една категорија од натпреварувачкиот карактер.“
„Добиваме и нова опрема. Благодарение на комесарот за делегирање, Јосип Бартон, првпат се случува над 20 судии да имаат можност да стекнат интернационално искуство и да бидеме дел од меѓународни натпревари како што се Конференциска лига, но и официјални репрезентативни натпревари“, истакнува Керими и додава дека неговата цел, како и целта на останатите колеги судии во домашното првенство е да бидат „вистинското лице на судиската организација при ФФМ.“
Во поглед на идните планови во кариерата, Керими ги истакнува своите аспирации да стане меѓународен фудбалски арбитар.
„Како и секој фудбалер што има цел да достигне врв во европското клупско натпреварување, така и мојата желба како судија е да станам меѓународен судија во иднина. Се надевам дека доколу ми се укаже можноста, со докажан квалитет и со напредок ќе добијам шанса да бидам меѓународен судија и да ја претставувам нашата држава на европските натпреварувања“, потенцира Керими.












