Тројца раководители на ЈП „Комуналец“ во Гостивар се приведени од страна на полицијата во рамки на истрагата поврзана со состојбата со водата и зголемениот број заболени во општината, јавува Анадолу.
Според соопштението на Министерството за внатрешни работи, полицијата, по наредба на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Гостивар, ги привела директорката на претпријатието, техничкиот директор и одговорниот за водоводниот сектор во врска со сомненијата за загадување на водата во гостиварскиот водовод.
Од Министерството за здравство информираа дека забраната за користење на водата од градскиот водовод останува во сила до добивање на нови резултати и препораки од надлежните институции.
Откако околу 1.200 граѓани побарале лекарска помош поради стомачни проблеми, водата од градскиот водовод во Гостивар минатата недела беше забранета за пиење.
Надлежните органи прогласија локална епидемија во Гостивар за надминување на состојбата со водоснабдувањето.
Владата од денеска обезбедува по 50.000 литри вода за пиење дневно за населението, додека Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) ги заврши анализите кои во текот на денот ќе ги предаде на Јавното обвинителство.
Министерот за здравство Сашо Клековски соопшти дека во здравствените установи во Гостивар досега се регистрирани околу 3.100 случаи, а од 19 јули бројот на нови приеми почнал да се намалува.





















