Од Скопје низ цела Европа, со автомобил, крузери, авиони. Милан на девет годишна возраст и Ведрана на 13 години станаа најмладите деца кои со нивната мајка Весна во изминатите четири години ги обиколија 46 – те европски држави. За ова значајно достигнување очекуваат потврда и од Гинис.
Верификација за постигнатото стигна од независната патувачка платформа Номад Маниа. За Гинис моментално има старосно ограничување за оваа категорија.
„Мене најубав впечаток ми остави Лондон и Велика Британија, а најубаво место ми беше Биг Бен”, вели Милан.
„Ако морам да одберам, Финска, бидејќи имаше многу животни”, раскажува Ведрана,
„Можеби Исланд. Имаат многу интересна природа којашто е на секој чекор”, раскажува нивната мајка Весна.
Овој подвиг им донесе незаборавни искуства и запознавање со различни култури и цивилизации. Словенија, Италија, Андора, Франција, Германија, Велика Британија, Ирска се дел од земјите опфатени со последните патувања. Доживувањата при патешествието ги споделуваа на нивниот профил https://www.instagram.com/kidslovetraveling/?hl=en
„Ирска ја поминавме целосно. Потоа се вративме назад, крузер имавме договорено, во Хамбург го оставивме нашиот автомобил. И со крузер крстаревме околу Исланд и Шкотска и потоа се вративме назад и продолживме во источниот дел тоа што ни остана, Белорусија, Русија, Украина и на крај последна држава ни беше Молдавија”, се присети Весна.
Државите каде беснеат војни биле посебен предизвик. Во Украина влегле во погранично место.
„Русија за да може да се спаси од некои непредвидени ситуации ја блокира целокупно онаа ГПС комуникација така да целата навигација е невозможно да се користи и буквално не знаете ниту каде треба да одите ниту што треба да правите. Ние бевме на 18 август на граница во Украина. Тоа предизвика сомнеж, зошто имаме руска виза до 18, а на 18 сме тука. Со гугл транслејт се разбиравме. Со саати траеше распитот и на крај конечно добивме дозвола да влеземе и таму”, ни раскажа Весна.
Враќањето преку граничниот премин Брест во Белорусија се претворило во вистинска голгота.
„Кога ќе стигнете добивате бројче. Моето бројче беше деветстотини шеесет и некое. Три дена и три ноќи беше отприлика времето коешто требаше да го поминеме таму. Немате право да искочите од таму, немате право да одите во хотел, мора да стоите буквално таму. Јас не спиев тие ноќи буквално во автомобилот. Кога конечно добивме дозвола да се упатиме кон границата и да излеземе, излеговме од Белорусија, но на влез во Полска ни беше кажано дека е невозможно да поминеме. Литванија беше последната шанса да излеземе и некако излеговме”, вели Весна за исцрпувачките ситуации.
Сепак, пред се, се паметат убавите и возбудливите моменти.
„Кога јас бев пред тоа во Лондон направив едно мече. И потоа кога бев во Ирска, на еден автобус „хоп он хоп оф” си го заборавив. Па после ми текна дека сум го заборавил па ми го пратија преку пошта”, вели Милан.
„На претходното патување моравме да возиме 1 600 километри наеднаш од Скопје до Савона и моравме да брзаме бидејќи бевме на училиште и не беше летен распуст”, објаснува Ведрана.
Милан, Ведрана и Весна запознаа различни култури и цивилизации. Целта им е да обиколат што повеќе земји во светот.






















