Мухамед Рамазан Саад, 36-годишен антиквар и вљубеник во пишаниот збор кој живеел во Беит Лахија во северниот дел на Појасот Газа, поради својата бескрајна љубов кон книгата со свои раце ги извлекол книгите од урнатините на својот разорен дом и ги носел со себе сè до Деир ал-Балах, каде што бил принуден да избега, пишува Анадолу.
Во нападите што Израел ги спроведува во Газа веќе речиси 3 години, покрај бројните образовни институции и училишни згради, уништени се и библиотеките и антикварниците – како едни од најважните простори каде што се чуваат културата и сеќавањата за минатото.
Во овој долг и тежок период на страдање, народот на Газа водеше битка единствено за сопствениот живот, обидувајќи се да опстане, поради што образовните, културните и уметничките дејности принудно беа ставени во втор план.
По „таканаречениот“ прекин на огнот, од кој Израел не почитува ниту една точка, Палестинците кои полека се обидуваат да се вратат на секојдневието повторно почнаа да им се посветуваат на своите професии, хобија и нештата што ги сакаат.
Саад, кој целиот свој живот го посветил на собирањето и читањето книги, е само еден од многуте Палестинци кои поради израелските напади беа принудени да се откажат од својата професија и пасија.
Изнајмил шатор да ги заштити книгите
Во минатото, Саад бил сопственик на антикварница со илјадници книги, сместена во сутеренот на една четирикатна зграда во Беит Лахија, но во израелските напади го изгубил ова свое богатство.
Откако пребегнал од Беит Лахија во Деир ал-Балах во централниот дел на Газа, Саад, воден од копнежот и љубовта кон своите книги, одвреме-навреме се враќал на северот за да ги откопува книгите од урнатините на својот дом.
Со книгите што успеал да ги спаси, иако нецелосно, Саад ја обновил својата библиотека, а сега тие дела им ги нуди на читателите на една импровизирана тезга покрај патот во Деир ал-Балах.
„Со книгите што ги извлеков од урнатините на куќата и ги донесов во Деир ал-Балах повторно имам голема библиотека“, вели Саад, додавајќи дека најпрво ги изложил на тротоарот за да ги продава, но бидејќи сонцето почнало да ги оштетува, изнајмил шатор за да ги засолни.
Истакнувајќи дека човекот што чита за него има непроценлива вредност, Саад рече: „Му давам книга на секој што ќе дојде кај мене, без оглед на тоа дали има пари или не. Затоа што го сакам секој човек што чита и што држи книга во рака. Книгата е премногу важна. Луѓето денес гледаат на интернет, но информациите таму не можат да ја заменат книгата. Она што е вистинско и трајно е книгата.“
Саад денес живее во истиот тој шатор, опкружен со своите спасени дела, пренесувајќи ја сета своја животна пасија во неколку едноставни зборови: „Книгите се мојот живот, тие се моето сè.“
Извор: АА



















