Светскиот турски бизнис совет (ДТИК) организираше средба со медиумите во главниот град на Северна Македонија, Скопје.
На настанот, одржан во хотел, присуствуваа претседателот на Собранието на Северна Македонија Африм Гаши, претседателот на турската делегација во Парламентарното собрание на НАТО и пратеник од АК Партија од Анталија Мевлут Чавушоглу, амбасадорот на Туркије во Скопје Фатих Улусој, претставникот на ДТИК за Северна Македонија и генерален директор на Халкбанк Скопје Фатих Шахбаз, претставници на турски и локални институции и организации, новинари и гости.
Гаши во своето обраќање истакна дека историските, културните и човечките врски меѓу двете земји претставуваат силна основа изградена преку соработка во многу области, вклучително и економијата, како на билатерално, така и на парламентарно ниво.
Осврнувајќи се на односите меѓу Северна Македонија и Туркије, Гаши рече:
„Како претседател на Собранието, сакам да нагласам дека односите меѓу Република Северна Македонија и Република Туркије претставуваат пример за трајно пријателство, меѓусебна почит и стратешко партнерство.“
Тој нагласи дека придонесот на турската бизнис-заедница во економскиот развој на Северна Македонија е видлив и високо ценет, додавајќи дека турските компании и претприемачи помагаат во отворањето нови работни места, развојот на различни сектори и зајакнувањето на економските врски.
„Туркије никогаш не ги одвои мирот, стабилноста и просперитетот на Балканот од сопствениот просперитет“
Чавушоглу го опиша ДТИК не само како платформа на деловната заедница, туку и како стратешки мост што ги зајакнува економските врски и соработката меѓу земјите, ги проширува инвестициските и трговските мрежи и дава значаен придонес во економската дипломатија.
Посочувајќи дека Балканот низ историјата бил пресек на различни култури, цивилизации и трговски патишта, Чавушоглу рече:
„За Туркије, Балканот не е само блиска географска област, туку и простор на стратешко партнерство со кој сме поврзани преку заедничка историја, култура, човечки врски и силни економски односи. Туркије никогаш не ги одвои мирот, стабилноста и просперитетот на Балканот од сопствениот просперитет и го смета регионот за свој неразделен дел. Водена од ова разбирање, нашата земја ги развива односите со сите балкански држави врз основа на меѓусебна почит и заедничка корист, во согласност со принципите на регионална сопственост и инклузивност.“
Чавушоглу нагласи дека Туркије придава големо значење на проектите во Балканот во областа на транспортот, енергетиката, индустријата, логистиката, дигиталната трансформација и инфраструктурата.
Говорејќи за односите меѓу Туркије и Северна Македонија, тој рече:
„Пријателството, меѓусебната доверба и силниот политички дијалог меѓу двете земји создаваат цврста основа за развој на нашите економски односи. Туркије денес е еден од водечките трговски партнери на Северна Македонија. Турските инвестиции, пред сѐ преку Халкбанк Скопје, даваат значаен придонес за економијата на земјата и обезбедуваат работа за илјадници луѓе.“
Чавушоглу нагласи и дека средбата што пред неколку дена во Истанбул ја одржаа турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и премиерот на Северна Македонија Христијан Мицкоски била исклучително продуктивна и корисна за понатамошно зајакнување на политичките и економските односи.
Нагласена силата на турската бизнис-заедница
Шахбаз истакна дека позитивниот тренд во политичките, економските и трговските односи меѓу Туркије и Северна Македонија во последните години отвора нови можности и за деловната заедница.
Тој посочи дека турските инвеститори, претприемачи и професионалци кои работат во Северна Македонија постигнуваат значајни успеси во бројни области – од производството и услужниот сектор до трговијата и индустријата.
„Силното присуство на турската бизнис-заедница во регионот не само што придонесува за економскиот развој, туку дополнително го зацврстува и мостот на пријателство меѓу Туркије и Северна Македонија. Како претставништво на ДТИК во Северна Македонија, имаме цел да ја зголемиме комуникацијата и солидарноста меѓу нашите бизнисмени во регионот, да создадеме нови области за соработка и да развиваме заеднички проекти“, рече Шахбаз.
Информирајќи ги присутните за ДТИК и Халкбанк Скопје, Шахбаз нагласи дека во рамките на визијата „Векот на Туркије“ на претседателот Ердоган, покрај развојот на Туркије, се придава значење и на развојот на земјите од регионот, а оваа визија се пренесува во Северна Македонија преку турските институции што дејствуваат во земјата.
По обраќањата беше одржана презентација за Светскиот турски бизнис совет (ДТИК) и Халкбанк Скопје.




















