Секоја година, стотици илјади патници на крстарење слегуваат од своите бродови во пристаништето Галата и поминуваат на неколку метри од џамијата и гробница од 16. век без фа „фрлат“ поглед на неа.
Малкумина знаат дека поминуваат покрај почивалиштето на Килич Али-паша, еден од најзначајните поморски команданти во медитеранската историја, човек роден во рибарско село на јужниот италијански брег, кој се издигнал до позицијата Голем адмирал на отоманската флота.
Исламско-отоманскиот општествен комплекс- кулије, кој го нарачал од главниот архитект на империјата, Мимар Синан, се наоѓа веднаш до брегот на Топхане, помал од Сулејманије и потивок од Сината џамија, лесно е да се помине покрај него без да се забележи.
Ако зачекорите во малите гробишта покрај гробницата и морето е насекаде, дури и во каменот.
Многу од надгробните споменици се изрезбарени со скршени бродски јарболи, искинати едра и намотани јажиња, означувајќи ги гробовите на големите отомански поморски офицери, морнари и капетани погребани тука покрај самиот адмирал.
Заедно, тие ја претвораат прошетката низ малите гробишта во нешто поблиску до поморски музеј изрезбарен во камен.
Според Јадигар Мурат Орук, муезинот на џамијата, местото има неверојатна приказна за потеклото.
Кон крајот на својот живот, Килич-паша го замолил султанот за земјиште за изградба на куќа за богослужба. Но султанот Мурад го одбил, делумно шегувајќи се: „Ти си командант на морињата, нема да ти дадам ни дланка земја. Оди изгради ја својата џамија во морето, на водата.“
„Пашата го сфатил ова како наредба. Му ја предал работата на големиот турски архитект Мимар Синан; тие се населиле на оваа локација на брегот Топхане; кој, во тоа време, всушност бил на отворено море“, вели Орук за ТРТ Ворлд.
„Ова стана првата џамија во историјата изградена директно на море.“
„Во натписот на џамијата, самиот Синан пишува нешто во смисла- Ја поставив оваа џамија на такви темели што, ако даде Аллах, дури и ако брановите ја тресат куполата до Судниот ден, ништо нема да се случи со оваа џамија- што зборува за тоа колку е цврста нејзината конструкција“, се сеќава Орук.
Животот и наследството на Килич
Килич Али Паша е роден како Џовани Диониџи Галени, син на рибар во Ле Кастела во Калабрија, живописен крајбрежен регион во јужна Италија.
На седумнаесет години, на пат кон Неапол за да студира за свештеник, неговиот пат го сменил правецот кога флотата на Хајредин Барбароса, најпознатиот адмирал на Отоманската империја и тогашен Капудан-паша, го однела во свет далеку од дома.
Своите рани години ги поминал веслајќи, но токму таму бил забележан неговиот талент.
Се преобратил во ислам, се обучил кај гусар-адмиралот Тургут Реис и се издигнал целосно врз основа на заслуги, заработувајќи го епитетот „Улук“, титула резервирана за успешни гусари од неарпско потекло.
До 1568 година, тој управувал со Алжир. Три години подоцна, тој ќе ја испише историјата на море.
Овој вид социјална мобилност, преминување од заробеништво во друг вид живот, бил можен само во отоманскиот свет во тоа време, според Вера Костантини, италијанска отоманска историчарка и доцент на Универзитетот Ка' Фоскари во Венеција.
„Економските можности во Отоманската Империја биле огромни, бидејќи таа била толку моќна држава со толку голема територија... и покрај тоа што се почнувало од самиот почеток, било можно да се искачи на многу високи позиции“, вели Костантини.
„И нашиот Калабриец ги искористил целосно овие можности. Значи, во однос на шемата и искуството, тој не бил исклучок. Но на крајот, тој станал своевиден пример сам по себе“, додава таа.
Битката која што го направи
На 7 октомври 1571 година кај Лепанто, или Инебахти, една од најголемите поморски битки што ги видела Медитеранот, заврши со пораз за отоманската флота.
Командувајќи го левото крило, Килич Али Паша го надмудрил својот џеновски колега Џовани Андреа Дорија и го зазел водечкиот брод на Малтешките витези заедно со нивното знаме.
Додека остатокот од флотата била потопена на други места на линијата, тој сам ги вратил своите бродови дома недопрени, собирајќи ги расфрланите преживеани од флотата и пловејќи со 87 бродови назад во Истанбул.
Султанот Селим II го наградил со почесното „килич“, што на турски значи „меч“, и го нарекол Капудан Паша, што значи „Капетан на морињата“, титулата Големиот адмирал на отоманската морнарица.
„Лепанто станал огромно значаен во христијанската историографија бидејќи христијанските сили генерално ги изгубиле сите битки против Османлиите сè дотогаш; ова беше една јасна западна победа“, вели Костантини.
„Всушност, тоа не беше траен пораз за османлиската држава; империјата беше најголемата држава во светот и во рок од една година изгради сосема нова флота, нов сет галии.“
„Но христијанска Европа разви силен реторички наратив против османлиската држава, Битката кај Лепанто доби огромна улога“, додава таа.
Потоа Килич Али-паша ги поминал следните шеснаесет години обновувајќи ја флотата по Лепанто, моделирајќи потешки воени бродови, според венецијанските дизајни, и повторно преземајќи го Тунис од Шпанија во 1574 година.
Пашата бил доживуван многу негативно во христијанскиот свет, делумно од љубомора, бидејќи бил човек роден во екстремна сиромаштија, а кој станал екстремно богат и важен, според Костантини.
„Во Венецијанската Република, владата била целосно резервирана за аристократијата. Сиромашен човек никогаш не можел да влезе во владата таму, и ова не беше уникатно за Венеција, туку тоа важело низ целиот Запад.“
„Неговото родно село е исклучок од ова однесување, луѓето го препознаваат неговото наследство и се гордеат со него, дури и му изградија статуа, веднаш до морето во Калабрија.“
Скриениот бисер на отоманскиот Истанбул
Како отоманско-исламско кулије, комплексот обединува џамија, голема медреса, амам, гробницата на основачот и гробишта, сите изградени околу заеднички двор.
Фонтаната на аголот од ѕидот на дворот често се наведува како дел од комплексот, иако некои архитектонски историчари веруваат дека подоцна била преместена тука од место преку улицата.
Внатре во џамијата, сличноста со многу постара, многу поголема зграда е тешко да се пропушти.
„Нашата џамија е, во извесна смисла, помал одраз на Аја Софија. Ако погледнете внимателно, ќе ги забележите столбовите тука, деловите околу михработ и куполите имаат силна сличност со Аја Софија“, вели Орук.
„Откако посетителите ќе влезат внатре, многумина се воодушевени од нејзината духовна атмосфера; тие навистина можат да бидат воодушевени од тоа.“
Со пристаништето Галата на само неколку чекори, џамијата сега има повеќе пешачки сообраќај во едно попладне отколку што веројатно имало во својот прв век.
„Кога туристите доаѓаат за време на молитва, ние им даваме посебни инструкции на нашите безбедносни службеници да ги пуштат внатре, тие се добредојдени да набљудуваат од одредена област каде што можат удобно да го слушнат рецитирањето на Куранот, тесбихат и повикот за молитва и мирно да ја доживеат таа атмосфера“, додава Орук.
Прашањето за Сервантес
Деталот што најверојатно ќе го привлече вниманието на западниот читател е литературен: Мигел де Сервантес го именува директно во својот класик Дон Кихот, осврнувајќи се на неговото доаѓање на власт во Алжир под името „Учали“.
Поромантична верзија на приказната, повторувана од туристички водичи и некои популарни истории, вели дека Сервантес, заробен од отомански гусари во 1575 година и држен во Алжир, бил или лично ослободен од Килич Али-паша или принуден да работи на изградбата на џамијата во Истанбул.
Тврдењето не е решено: Сервантес бил откупен од Алжир од страна на Тринитарските монаси околу 1580 година, истата година кога била завршена џамијата во Истанбул, и нема потврден запис дека бил во градот.
Четири века подоцна, гробницата и комплексот на џамијата на Килич Али-паша се наоѓаат на кратка прошетка пеш од еден од најпрометните терминали за крстарење во светот, но во голема мера непознати.
Меѓу посетителите што минуваа низ комплексот едно неодамнешно попладне беа Амалија Асгари и нејзината мајка, Сандра Месијан од Белгија.
„Многу е убаво, немаме такви работи во Белгија“, вели Асгари за ТРТ Ворлд, восхитувајќи се на висината и боите на џамијата.
Ниту таа ниту Месијан не слушнале за Килич Али-паша пред да застанат таму.
Кога ѝ беше кажано дека морнарот роден во Италија некогаш командувал со целата отоманска флота, Месијан рече дека била изненадена. „И јас се изненадив“, додаде Асгари.
„На влезот, каде што информациите за џамијата се наведени на плоча, посебно го вклучивме фактот дека пашата бил од италијанско потекло и подоцна се преобратил во ислам“, вели Орук.
„Овој детаљ привлекува особен интерес кај туристите; идејата дека „тој всушност бил еден од нас“ може да биде изненадувачка за нив и го привлекува нивното внимание. Секако, она што најмногу им останува во сеќавање на луѓето е архитектонската убавина на оваа грандиозна градба“, додава тој.
Во интервјуата направени за текстот, пред џамијата поминале десетина посетители; речиси никој не можел да го идентификува Килич Али Паша.
И сепак, посетителите од десетина земји поминале низ нејзиниот двор во истиот час, привлечени само од нејзината архитектонска убавина и мирна атмосфера.
Извор: ТРТ Ворлд























