Во Собранието на Северна Македонија денеска е одбележан Меѓународниот ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница, при што беше испратена порака дека зачувувањето на сеќавањето за жртвите е обврска на институциите и општеството.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, истакна дека Сребреница останува едно од најтешките злосторства против човештвото и повика одбележувањето да биде поттик за правда и морална одговорност.
„Сребреница претставува траен и темен печат врз совеста на целото човештво“, рече Гаши, нагласувајќи дека жртвите мора да бидат запаметени како предупредување за идните генерации.
Професорот Ферид Мухиќ посочи дека геноцидите не се случајни трагедии, туку организирани злосторства кои бараат одговорност и соочување со вистината.
„Геноцидот не е несреќа како земјотрес или пожар. Тој е организиран, извршен и поддржан проект“, истакна Мухиќ.
Претседателот на Бошњачкиот национален сојуз, Џевад Хот, порача дека сеќавањето на Сребреница не е само обврска на преживеаните, туку на секој човек кој ја почитува вредноста на човечкиот живот.
„Сеќавањето на Сребреница не е обврска само на преживеаните, туку на секој граѓанин кој верува дека секој човечки живот има еднаква вредност“, рече Хот.
Претседателот на Комисијата за односи меѓу заедниците, Аднан Азизи, нагласи дека трагедиите како Сребреница започнуваат со говор на омраза, пропаганда и молчење пред неправдата.
„Геноцидот не уби бројки, туку луѓе“, порача Азизи, додавајќи дека борбата против негирањето е дел од одговорноста на современото општество.
На одбележувањето присуствуваа амбасадори, пратеници, претставници на верски заедници, политички партии и академската јавност.
На 11 јули 1995 година, во и околу Сребреница, Босна и Херцеговина, беше извршен геноцид, во кој силите на Војската на Република Српска убија повеќе од 8.000 мажи и момчиња Бошњаци. Злосторството е правно утврдено како геноцид од страна на меѓународните судови.






















