Пет лица се уапсени откако безбедносните служби разбиле организирана криминална група од Скопје поврзана со терористичката група ДАЕШ, а кај кои било пронајдено поголемо количество на оружје.
Од Агенцијата за национална безбедност информираа дека во координација со Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, на 28.09.2026 година презеле мерки за сузбивање активности на издиференцирани безбедносно интересни лица кои се осомничени за сторено кривично дело по Член 394-б Тероризам и Член 396 Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи од Кривичниот законик.
Во рамките на оперативната акцијата од слобода се лишени вкупно пет лица, притоа извршен е претрес на повеќе локации на подрачјето на Скопје, и тоа во село Сингелиќ, Чаир и село Брест, при што пронајдени пиштоли, снајперски и автоматски пушки, муниција, тактички елеци и останата опрема, пропаганден материјал од меѓународната терористичката организација, компјутерски единици за „копање“ криптовалути, како и останата документација.
Во текот на претресите е утврдено и неовластено користење на електрична енергија, за што се преземаат дополнителни мерки и активности согласно законските надлежности.
„Станува збор за верско радикална групација надоврзана на транснационални криминални организации која се поврзува со дела на насилство, изнуда, киднапирање, лихварство, недозволена трговија на наркотици, трговија со оружје, и останати криминогени активности. Исламско радикалниот елемент е одлика која е взаемна кај повеќето членови на групата, имено истите се идеолошки следбеници на радикални имами кои се поддржувачи и прокламатори на меѓународни терористички организации. Воедно, дел од уапсените се во блиски релации со странски терористички борци од земјава и регионот“, рекоа од АНБ.
Од агенцијата објаснуваат дека индоктринирањето на млади лица од страна на истакнатите членови на групата е модус операнди кој континуирано се применува. Верските објекти каде се практикува радикалниот ислам и онлајн радикализацијата претставуваат иницијални тригери за регрутација на младите, кои подоцна се интегрираат во дадени криминогени активности на групацијата.
„К.И. (34) во 2023 година започнал со делување во рамки на злосторничка организација- огранок со основи на идеолошка матрица на терористичката организација ДАЕШ, со цел извршување на кривични дела на територијата на нашата држава. Како припадник на терористичката организација ДАЕШ, вршел индоктринација на млади лица за исполнување на цели на терористичката организација, а исто така ширел пропаганден материјал со екстремна и радикална содржина и набавувал и ракувал со огнено оружје. Б.А.(24) и Е.С.(30) заедно со К.И. формирале група во која неовластено поседувале, посредувале и тргувале со огнено оружје и муниција“, велат од МВР.
Надлежен јавен обвинител од ОЈО ГОКК донел наредба за спроведување истражна постапка против три лица поради сомнение дека првоосомничениот го сторил кривичното дело тероризам, а сите тројца и кривичното дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи.
„Истрагата се темели на докази обезбедени во претходна предистражна постапка, документација и докази од предмет што е во судска постапка, како и на докази обезбедени преку меѓународна правна помош“, рекоа од обвинителството.
Обвинителството побарало од судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје на тројцата осомничени да им биде определен притвор од 30 дена.






















