Министерот за здравство Сашо Клековски вели дека епидемијата на западнонилската треска стивнува за што говорат податоците дека во последните две недели има по два нови случаи, а и на Клиниката за инфективни болести моментно се хоспитализирани шест пациенти, од кои само двајца се во потешка состојба.
„Сметам дека епидемијата стивнува бидејќи последните две недели имаме по два нови случаи. Значи, оваа недела, по објавувањето на извештајот од Институтот за јавно здравје, в понедленик, ќе имаме два нови суспектни случаи. Дека се смирува ситуацијата, говори и фактот дека во моментот на Клиниката за инфективни болести имаме шест хоспитализирани лица“, изјави Клековски во однос на извештајот на ИЈЗ за периодот до 8 септември, во кој се наведува дека е регистриран и случај во Свети Николе.
Смирувањето на ситуацијата, според Клековски, не е поврзано со заладувањето бидејќи новите случаи се заразени пред три до 14 дена.
„Мислам дека постапувањето по индикации влијаеше и е постигнато тоа што го очекувавме. Сепак, точни закономерности не постојат во оваа епидемија. Имаме три пронајдени мртви гаврани со вирусот во општини во кои нема регистрирано случаи на западнонилска треска- два во општина Карпош и еден во Ресен“, посочи Клековски.
На Клиниката за инфективни болести хоспитализирани се вкупно шест пациенти, од кои само двајца се со потешка клиничка слика.
„Тие подолго време се на Клиниката, интубирани се и се на респираторна поддршка. Другите четворица се во стабилна состојба и се на Одделот на невроинфекции. Двајца се водат како суспектни бидејќи се понови, а кај другите двајца при крај е процесот на закрепнување и набргу ќе бидат отпуштени од болница“, изјави директорот на Инфективната клиника, Фадил Цана.
Заклучно до 8 август, во земјата се регистрирани 58 случаи на западнонилска треска, од кои 54 се потврдени, а четири се водат како веројатни, се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје.
Починати досега се осум лица.
Во текот на изминатата недела пријавени се да нови случаи, од Скопје и Свети Николе. Регистрирани се и два нови смртни исходи, од Скопје.
Сите починати се од Скопје и се мажи. Просечната возраст на починатите е 71,9 година, сите биле хоспитализирани, а седум имале коморбидитети.
И од вкупно заболените 58 лица, повеќето се мажи 46, а 12 се жени.
Според место на живеење на заболените, 55 случаи се од Скопје, а по еден случај е од Велес, Куманово и Свети Николе.
Регистрирани се 57 автохтони случаи и еден случај со историја на патување во Грција, но инкубацискиот период покрива и престој во Македонија.
Во однос на возрасната дистрибуција, најголем дел се лица на возраст над 60 години- 47 (81,0%), седум се на возраст од 50-59, едно лице од 30-39, а три лица на возраст од 20-29 години. Просечната возраст изнесува 66,1 години.
Почетокот на симптомите кај најголем дел од заболените – 38 или 65,5% е регистиран во месец август. Кај 17 случаи почетокот на симптомите е во месец јули, два во месец јуни, а кај еден случај во месец мај.






















