Светската федерација на кинолошки сојузи неодамна условно го призна македонското овчарско куче Караман како раса. Се работи за автохтона раса за која се уште расте интересот. Територијална, но и заштитнички настроена кон се она што го чувствува како послабо.
Според критериумите на Светската кинолошка федерација позната како FCI расите прво се условно признаени и се остава период од седум до десет години во кој се следи нејзиниот развој и опстанок.
Впишувањето на караманот како раса беше повод да поразговараме со Илија Каров кој од 2017 година е претседател на кинолошкото друштво „Македонско овчарско куче Караман. Вардар е еден од неговите главни миленици.
„Караманот е жив симбол на Македонија, жива историја и жив споменик”, вели Илија.
Тој ги објаснува главните карактеристики на караманот.
„Караманот има увиен опаш како што можете да го видите на Вардар. Нема срп опаш за разлика од неговиот брат шарпланинецот. Нема мачји шепи, има лажичкасти шепи. Го има петтиот прст и нешто што е многу карактеристично ја имаа онаа класична грбна линија што можеме тука да ја забележиме. Таа касична грбна линија значи дека задниот трап е нешто повисок за некој сантиметар од гребенот”, истакнува Каров.
Начинот на движење на планина е уште една разлика која го карактеризира ова куче.
„Голем број од расните кучиња можат да трчаат одредено време на стрмнината на планината, но караманот може да го прави тоа многу долго време, но она што е уште поважно за оваа типична градба, караманот може вешто без да се лизне да кочи на планината. Караманот е куче коешто е презервирано во неговата оригинална форма како што е затекната од планината” објаснува Каров.
Одгледувањето и размножувањето на оваа раса се води по строги критериуми. Процесот да се ревитализира и презервира расата започнува уште во 1998 година од група ентузијасти предводени од Влатко и Марјан Костовски.
„Караманот е куче коешто е презервирано во неговата оригинална форма како што е затекната од планината. На караманот не е ништо корегирано или створено по пат на усмерувачко одгледување од страна на одгледувачите и сопствениците на караманот. Едноставно ова е природна раса онаква каква што ја создала планината затоа што караманот е настанат по природен пат, селектирајќи се на македонските планини” објаснува Каров.
Бигорскиот манастир и приказната за Каљош
Караманот е најзастапен во западните делови од државата. Денес во Бигорскиот манастир е сместена најголемата одгледувачница на карамани. Со благослов на епископот Партениј и под водство на отецот Порфириј. Семејството на Сербај и Рамазан Бело таму го донирале Каљош, еден од најрепрезентативните примероци за кој е врзана интересна приказна.
„Шетајќи се по планината и прибирајќи се со стадото назад татко им увидел дека фалат едно или две јагниња не се вратиле дома. Сербај се упатил кон планината, бил придружуван од Каљош да ги побара јагнињата. Кога пристигнале до сртот на планината наеднаш на 50 до 70 метри од нив се појавила огромна мечка. Застанал, застанал и Каљош до него. Мечката се исправила на две нозе и тој рекол Каљо што ќе правиме сега? Чекор по чекор измерено тргнал напред движејќи се кон мечката. Мечката стоела исправена. Како Каљош се движел напред така мечката почнала полека да се повлекува назад. Ја осетила одлучноста на Каљош, видела дека станува збор за животно кое нема да се повлече , се спуштила пак на четири нозе, се завртела и заминала” ја раскажува оваа приказна Каров.


















