Четири активни пожари, четири под контрола и 25 изгаснати се регистрирани во изминатото деноноќие низ земјава. Најкритично е во Студеничани, Зелениково, Македонски Брод, Кичево и Гостивар, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во изминатото деноноќие во земјава се регистрирани вкупно 33 пожари на отворен простор, од кои четири се активни, четири се под контрола, а 25 се изгаснати, информира утрово Центарот за управување со кризи.
Активни пожари има во Општините Студеничани и Зелениково, кај селата Моране, Вртекица и Рамни Габер, со крак кон селата Палиград и Вражале. Активен е и пожарот во Општина Македонски Брод, кај месноста Видуш и селата Драгов Дол и Локвица.
Пожари се активни и во Општина Кичево, кај селото Тајмиште и месноста Дарда, како и во Општина Гостивар, кај селото Горна Ѓоновица.
Под контрола се пожарите кај селото Илинден, кај делчевското село Бигла, кај село Туденце во Општина Јегуновце и во Општина Врапчиште, кај селата Ломница и Ѓерѓевиште.





















