| Macedonian
Центрите за податоци „повеќе не се толку жедни“, велат технолошките гиганти
Центрите за податоци низ целиот свет потрошиле 222 милијарди литри вода за ладење во 2025 година, а без соодветна акција потрошувачката би можела да се зголеми на 644 милијарди литри до 2030 година, според консултантската фирма Ристад Енерџи
Центрите за податоци „повеќе не се толку жедни“, велат технолошките гиганти
Mајкрософт, Aмазон Веб Сервисис и Meтa изјавија дека користат и затворени системи за ладење за кои велат дека не предизвикуваат нето загуба на вода

Центрите за податоци во Соединетите Американски Држави се соочуваат со растечко јавно незадоволство поради нивната висока потрошувачка на вода и енергија, но технолошките гиганти кои инвестираат милијарди долари во нив велат дека потрошувачката на вода може значително да се намали.

Центрите за податоци се големи објекти во кои се сместени компјутерски сервери кои го напојуваат интернетот и, сè повеќе, вештачката интелигенција. Компјутерите се загреваат, па затоа им е потребна вода за да се ладат.

Американскиот производител на чипови Нвидиа во извештај во јуни соопшти дека некои центри за податоци би можеле речиси целосно да ја елиминираат употребата на вода со имплементација на DSX, нивниот нов систем за дизајнирање и управување со центри за податоци за вештачка интелигенција.

Тоа е тврдење што индустријата, под зголемен притисок, сè уште треба да го докаже во пракса. 

Центрите за податоци низ целиот свет потрошиле 222 милијарди литри вода за ладење во 2025 година, според консултантската фирма Ристад Енерџи.

Без соодветна акција, таа потрошувачка би можела речиси да се зголеми тројно на 644 милијарди литри до 2030 година, проценува Ристад.

Помалата потрошувачка на вода бара повеќе енергија

Новиот систем на Нвидиа користи затворен систем за ладење во кој течноста тече директно низ серверите, што е можно поблиску до чиповите, чии температури можат да надминат 80 степени Целзиусови.

„Проблемот е што постои прилично директна врска помеѓу количината на вода и енергијата потребна за регулирање на температурата“, рече Енди Масли, независен истражувач кој ја проучува вештачката интелигенција и центрите за податоци.

Намалувањето на потрошувачката на вода обично значи поголема потрошувачка на енергија бидејќи течноста во затворените цевки сè уште мора некако да се олади, обично со дување воздух врз неа, што бара електрична енергија.

Нвидиа решава дел од тој проблем со тоа што дозволува течноста да влезе во серверите на 45 степени Целзиусови.

Повеќето други затворени системи за ладење во 2024 година работеле на околу 32 степени, според Аптајм Институтот, организација која сертифицира центри за податоци. Со користење на потопла вода, Нвидиа не треба да внесува ладен воздух преку целата година.

„Едноставните вентилатори што циркулираат воздух често се доволни“, рече Џош Паркер, раководител на одделот за одржливост на Nвидиа, додавајќи дека понекогаш е потребна комбинација од неколку методи. 

На локации со екстремни климатски услови или за време на топлотни бранови, сè уште е потребен ладен воздух или испарување на вода.

Индустријата е под јавен притисок

Mајкрософт, Aмазон Веб Сервиис (АВС) и Meтa изјавија за AФП дека користат и затворени системи за ладење за кои велат дека не предизвикуваат нето загуба на вода.

Двата главни даватели на услуги за пресметување во облак (cloud computing), кои продолжуваат да ги прошируваат своите огромни мрежи на центри за податоци, ја зголемија вкупната потрошувачка на вода помеѓу 2022 и 2025 година, но ја подобрија ефикасноста на водата за 25% кај Mајкрософт и 37% кај AВС, според нивните најнови извештаи за одржливост.

Сепак, не постои единствен начин за известување на ниво на целата индустрија за податоци поврзани со Факторите на животната средина, општеството и управувањето (EСГ).

СпејсX на Елон Маск стана главен играч во просторот на центрите за податоци откако ја купи неговата компанија за вештачка интелигенција xAИ, но никогаш не објави извештај за EСГ. Во јуни, агенцијата за рејтинг MСЦИ му даде на СпејсX најниска EСГ оценка.

„Бидејќи водата е генерално многу поевтина од електричната енергија, компаниите имаат помал финансиски поттик да ја намалат потрошувачката на вода“, рече Шаолеи Рен, професор по инженерство на Универзитетот во Калифорнија, Риверсајд.

„Стимулациите постојат, но повеќе се поврзани со јавниот имиџ во време на растечко противење на центрите за податоци низ Америка“, рече Рен.

Скриена потрошувачка на вода

Друга пречка е високата цена за надградба на постарите центри за податоци со понова технологија што користи помалку вода, но проблемот можеби не е толку голем како што изгледа.

Постарите центри за податоци се помали и помалку моќни од масивните нови центри што се градат денес, па затоа им треба помалку вода за ладење, рече Мин К. Ле, кој раководи со истражувањето на центрите за податоци и водородот во Ристад Енерџи.

Покрај тоа, водата што директно ја троши центарот за податоци е само дел од вкупната количина. Водата се користи и за генерирање на електрична енергија што го напојува центарот за податоци, како и за производство на чипови и сервери.

Во САД, оваа скриена потрошувачка на вода може да биде двојно поголема од количината на вода што директно ја троши самиот центар за податоци.

Повеќе
Туркије сака договор за зелена електрична енергија со Азербејџан, Грузија и Бугарија на КОП31
Август 2026 година беше најтопол месец во историјата, вели американска агенција
Хрватска и Бугарија блокираа над 35 тони пиперки од Северна Македонија и Албанија поради пестициди
Истанбул е домаќин на глобален туристички настан вреден 116 милиони долари
Пакистан: САД и Иран да се вратат на преговорите и покрај недовербата
Трамп не се кае за војната со Иран иако ќе се одрази на меѓуизборите
Неколкумина загинати и повредени во несреќа на туристички автобус во Швајцарија
Повеќе експлозии одекнаа во близина на базата Ербил во Ирак
САД нема да извршат напади врз Хутите по барање на Саудиска Арабија
Туркије и Италија потпишаа договор за соработка во областа на трудот и социјалните политики
Шпанскиот Конгрес го поддржува државјанството за жителите на Западна Сахара родени пред 1977 година
Врховниот суд ја укина пресудата за несреќата кај  Ласкарци и случајот го врати на повторно судење
САД ги притискаат сојузниците од НАТО да го распуштат МКС и да се повлечат од основачкиот договор
Август најтопол месец во светот досега, според климатската агенција на ЕУ-Коперник
ЕБОР поддржа ветерен парк од 131 мегават во Штип