Вљубениците во еден од најпопуларните колекционерски предмети во светот, албумот со сликички од Светското првенство во фудбал на „Панини“ конечно го дочекаа својот момент.
Во четвртокот на 30 мај и официјално почна продажбата на албумот Светско првенство 2026 година, 15. по ред од далечната 1970 година, кога италијанскиот издавач Панини го издаде својот прв албум за Мундијалите, тогаш за првенството одиграно во Мексико.
Оттогаш за генерации навивачи на фудбалот, ниту едно Светско првенство не би било комплетно без возбудата од отворањето на пакетчињата со сликички со фудбалерите од националните тимови или собирање на целиот албум.
Голем број на колекционери ги имаат сите албуми на своите полици, но, помал е бројот на фанатичните колекционери кои успеале да ги комплетираат сите изданија на Панини.
Како и во целиот свет, така и на Балканот, особено во поранешна Југославија Мундијалите беа следени со голем интерес поради настапите на југословенската фудбалска репрезентација.
Но освен фудбалската димензија, собирањето на сликичките отвори уште еден феномен, повеќе од социјален аспект, бидејќи комплетирањето на албумите бараше поголеми финансиски трошоци, па многу деца, и покрај добрата волја на нивните родители, не успевале тоа да го направат.
Но затоа преку сликичките децата повеќе се дружеа- разменуваа дупликати, а сликичките добиваа дополнителна вредност. Децата играа џамлии или други игри во кои влоговите за победа беа сликички, па тие поснаодливите дома си одеа со цели врзопчиња со сликички.
Дополнителна помош имаше од бабите и дедовците, кои им даваа пари на внуците да си докупат уште некое пакетче со сликички, па успавале да пополнат цели албуми.
Но годинава овој потфат ќе биде особено тежок, ако не и невозможна мисија за голем дел колекционери бидејќи поради учеството на 48 нации на турнирот, кој годинава ќе се игра во јуни и јули во САД, Канада и Мексико- Панини подготви најголем албум досега.
Албумот од Мексико 1970 имаше 56 страници кои требаа да се пополнат со 271 сликичка, а новиот албум е на 112 страници за чие пополнување ќе требаат 980 сликички, вклучувајќи дополнителни 68 „специјални“.
Поради огромниот број сликички уште пред излегување на албумот почна правењето пресметки колку пари ќе бидат потребни истиот да се комплетира.
Она што сега е познато дека во едно пакетче ќе има по седум сликички, што значи дека за да се соберат сите, со неверојатно совршена среќа и без дупликати, би биле потребни 140 пакувања.
Панини и за Мундијалот во 2030
Сепак, статистички гледано, за да се соберат сите сликички би требало да се купат повеќе од 1.000 пакувања.
Цените не се уникатни, па варираат во зависност од големината на пазарот, но секако дека ќе бара поголема сума пари.
Овластениот дистибутер на Панини за Северна Македонија, Дипрес ДООЕЛ СКОПЈЕ, информираше дека официјално ја почна предпродажбата на сликичките преку веб страницата Сликички.мк.
Панини годинава нуди различни верзии на колекционерски сликички, но и картички, но најголем интересе има за стандардниот албум со обични сликички.
Сепак, заради големиот број страници, во претпродажба е специјално издание на албумот во тврди корици, кој сега се продава само онлајн за 700 денари, а со кој може да се нарачаат најмалку 50 пакетчиња по цена од 75 денари со пет кесички гратис.
Цената на паткетчињата најверојатно ќе биде иста и кога ќе почне редовната продажбата кон крајот на наредната недела, па реално е да се очекува комплетирањето на албумот да чини најмалку 300 до 500 евра.
Во Италија, Германија и Шпанија, цената на едно пакетче треба да биде околу едно евро, додека во Франција ќе биде околу 1,20 до 1,30 евра. Меѓу најскапите земји ќе биде Обединетото Кралство, каде што пакетче ќе чини помеѓу 1,70 и 2 фунти.
Најголемиот албум на Панини досега беше откриена на специјален настан на стадионот Вембли во вторник, каде што поранешните англиски играчи Дејвид Џејмс, Џон Барнс и Гари Кејхил ги преживуваа своите денови на лов на налепници.
„Како некој што пораснал собирајќи сликички на Панини, разменувајќи ги со другарите на игралиште и обидувајќи се да го комплетира албумот на секој турнир, албумот секогаш го означуваше вистинскиот почеток на Светското првенство за мене“, рече поранешниот дефанзивец на Челзи, Кејхил.
„Гледањето себеси во колекцијата за време на моите играчки денови беше нереален и горд момент и потсетник за тоа како овие налепници стануваат дел од приказната за секое Светско првенство“.
Панини најави дека во мај ќе организира „размена“ во живо низ цела Велика Британија, давајќи им можност на колекционерите да ги пронајдат своите „мора да го добијам“ играчи, бидејќи „кутија со сликички“ ќе патува низ целата земја, делејќи пакети со налепници и албуми.
Откако ќе се смири прашината околу Светското првенство, можеби е мудро да се складираат дупликатите на таванот, бидејќи има растечки пазар за „винтиџ сликички“.
Во 2021 година, налепница на Панини од 1979 година на Марадона, тогаш 19-годишен, беше продадена за 470.000 фунти на аукција.
И да не се секираат колекционерите, Панини потврди продолжување на договорот за производство на албуми до 2030 година.








