Собранието денеска ги изгласа разрешувањата на дел од членовите на Владата, како дел од најавената реконструкција предложена од премиерот Христијан Мицкоски. На 112. седница беа разрешени седум министри и двајца заменици министри.
Од функциите заминуваат министрите за правда Игор Филков, за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, за односи меѓу заедниците Игор Стоиљковиќ, за здравство Азир Алиу, за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, за локална самоуправа Златко Перински, како и министерот без ресор Шабан Салиу.
Најмногу пратеници гласаа за разрешување на министерот за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ кој беше разрешен со 95 гласа.
За разрешување на министерот за правда Игор Филков гласаа 83 пратеници.
За разрешување на министерот за земјоделие Цветан Трипуновски гласаа 92 пратеници додека за Фатмир Лимани да замине од функцијата гласаа 85 пратеници и еден гласаше против.
Министерот за локална самоуправа Златко Перински е разреше со 87 гласови, аминистерот за култура Зоран Љутков со 91 глас „за“. Министерот без ресор Шабан Салие е рзарешен со 85 гласови. Mинистерот за здравство Азир Алиу е разрешен со 80 гласа, тројца пратеници се изјаснија дека се „против“ разрешувањето, а тројца пратеници останаа воздржани.
Разрешени се и замениците министри за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски и за култура и туризам Седат Сулејмани.
Образложувајќи ја одлуката пред пратениците, премиерот Мицкоски порача дека реконструкцијата е дел од принципот на Владата функциите да се гледаат како обврска, а не како привилегија.
„Од првиот ден кога ја презедовме одговорноста кажав дека оваа Влада нема да биде Влада на комфор, туку Влада на резултати. Функциите не се стекнато право, туку обврска која секој ден повторно мора да се заслужува“, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека промените не треба да се толкуваат како негирање на досегашната работа на министрите, туку како отворање на нова етапа во работата на Владата.
„Денес не се збогуваме со луѓе кои не работеле, туку со луѓе кои во различни ресори дадоа свој придонес за реализација на програмата за која граѓаните ни ја дадоа довербата“, посочи премиерот.
Според него, целта на реконструкцијата е поголема ефикасност и продолжување со реализација на владината програма.
Од опозициските редови, пак, оценија дека промените се политички мотивирани и дека реконструкцијата не е само кадровска, туку и подготовка за можни предвремени избори.
Собраниската расправа за предлогот за разрешување членови на Владата, согласно со Деловникот, може да трае најмногу два дена, по што новите министри се избираат со мнозинство од вкупниот број пратеници.






















