Aлбанскиот премиер Еди Рама изјави дека смета дека Бугарите треба да бидат внесени во македонскиот Устав, оценувајќи дека нема причина за несогласувања со Бугарија околу ова прашање.
Во интервју за Бугарската национална телевизија (БНТ), Рама истакна дека внесувањето на бугарското малцинство во македонскиот Устав произлегува од договорот меѓу Скопје и Софија, постигнат со француско посредништво.
На прашањето дали и понатаму постои причина за несогласување со бугарското раководство, имајќи предвид дека пред три години изјавил оти не се согласува целосно со Софија, Рама одговори дека околностите во тоа време биле поинакви.
„Не. Не, бидејќи тогаш, како што се сеќавате, стануваше збор за ситуацијата пред таканаречениот договор меѓу Бугарија и Северна Македонија, постигнат со француско посредништво. Сметам дека сега нема причина за несогласување, бидејќи потребата бугарското малцинство да биде внесено во Уставот на Северна Македонија е сосема јасна. Тоа произлезе од договорот меѓу двете земји“, рече Рама.



















