Американските федерални истражители испитуваат евентуален антагонизам кон претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп како мотив на Кол Ален (31), кој во неделата пукаше на гала-вечерата на дописниците од Белата куќа, на која беа присутни американскиот претседател и високи членови на неговата администрација.
Осомничениот, кој се наоѓа во притвор откако беше совладан од припадниците на полицијата додека се движел низ хотелот, денеска треба да биде изведен пред федерален суд. Тој се соочува со обвиненија за напад врз федерален службеник, пукање од огнено оружје и обид за убиство на федерален службеник. Но во зависност од тоа како ќе се одвива истрагата, тој може да биде обвинет и за обид за атентат врз Трамп.
Жител на Торанс, Калифорнија, Ален е високообразован компјутерски научник кој наводно се појавил на програмата за дипломирање во мај 2025 година на Калифорнискиот државен универзитет, Домингез Хилс.
Пред апсењето, работел како наставник во приватна служба за подучување, каде што бил прогласен за „Наставник на месецот“ кон крајот на 2024 година.
Според истражителите, Ален отпатувал во Вашингтон со воз од Лос Анџелес преку Чикаго, пријавувајќи се во хотелот Вашингтон Хилтон денот пред нападот.
Наводно оставил писмен манифест, во кој се нарекува себеси „Пријателски федерален убиец“.
Во наводниот манифест, што Њујорк пост го објави во целост, и кој, според наводите, истражителите го проучуваат, Ален, составил список на лица кои му биле цел, рангирајќи ги од највисок до најнизок приоритет.
Според манифестот, претставниците на администрацијата на американскиот претседател биле на врвот на списокот.
Претставници на Белата куќа за новинската агенција Асошиејтед прес изјавиле дека осомничениот напаѓач испратил писма до членовите на неговото смејство десет минути пред да почне со пукањето, во кое ги навел своите негативни ставови кон администрацијата на Трамп.
Ален легално купил пиштол од калибар 38 во 2023 година и пушка од калибар 12 во 2025 година од продавници во јужна Калифорнија.
Во ноќта на галата, тој наводно се упатил кон зоната за проверка со магнетометар вооружен со пушка, пиштол и неколку ножеви.
За време на борбата, еден полицаец бил застрелан од блиску, но преживеал благодарение на неговиот панцир.
Додека ФБИ продолжило да ги прегледува профилите на социјалните медиуми што содржат анти-Трамп и антихристијанска реторика, претседателот забележал дека органите за спроведување на законот веруваат дека Ален дејствувал како „осамен волк“.
Инаку, манифестот објавен од „Њујорк пост“ започнува со извинување на осомничениот до оние кои го познаваат и продолжува со наведување на неговите мотиви за пукањето. Во него се вели цел на напаѓачот биле членови на администрацијата на Трамп, со исклучок на директорот на Федералното истражно биро (ФБИ), Кеш Пател.
Во манифестот, исто така, се наведува дека агентите на Тајната служба ќе бидат цели само доколку тоа е потребно. За хотелското обезбедување, полицијата и за Националната гарда, се наведува дека не се класифицирани како цели, доколку тоа е можно, односно дека осомничениот нема да ги таргетира освен ако тие не пукаат во него.
Вработените и гостите во хотелот, исто така не биле наведени како цели на напаѓачот.
„Јас сум граѓанин на Соединетите Американски Држави. Она што го прават моите претставници се се одразува на мене. И повеќе не можам да дозволам педофил, силувач и предавник да ми премачкува рацете со своите злосторства“, се наведува во наводниот манифест на осомничениот Ален.
Во писмата тој додава.
„Вртењето на другиот образ кога ‘некој друг’ е угнетен не е христијанско однесување; тоа е соучество во злосторствата на угнетувачот“.











