Се очекува потпретседателот на САД, Венс, да отпатува во пакистанската престолнина Исламабад на разговори со Иран за потенцијален договор за завршување на војната, објави Aксиос во вторник, бидејќи двонеделното примирје истекува во среда.
Извештајот сугерира дека американскиот претседател Доналд Трамп би можел да се согласи и на продолжување доколку има знаци на „напредок“, бидејќи постигнувањето целосен договор пред истекот на примирјето би било тешко.
САД и Израел започнаа заеднички воени напади врз Техеран на 28 февруари, предизвикувајќи иранска одмазда низ целиот Блиски Исток. Пакистан обезбеди 14-дневен прекин на огнот на 8 април.
Претходно, Трамп изјави дека е „многу малку веројатно“ прекинот на огнот да биде продолжен доколку не се постигне договор со Иран.
Извештајот тврди дека Иранците одложуваат поради очигледниот притисок од Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) врз преговарачите да заземат поцврст став: „Нема разговори без прекин на блокадата на САД“.
Иако Белата куќа соопшти дека потпретседателот Џ.Д. Венс ќе ја предводи американската делегација, Техеран сè уште не објавил дали ќе испрати свој тим и побарал прекин на блокадата на иранските пристаништа од страна на САД.
Се очекува и претставниците на Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, да патуваат во Исламабад за разговорите.
Пакистански функционер изјави дека сите подготовки за разговорите се завршени и дека властите сега само чекаат да пристигнат делегациите, кои „се очекуваат денес“.















