Северна Македонија и Казахстан се подготвени да ги унапредат билатералните односи.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, се сретна со министерот за трговија и интеграција на Казахстан, Арман Шакалиев, во рамките на неговата посета на земјата.
По средбата министрите Муцунски и Шакалиев одржаа заедничка прес-конференција.
Муцунски изјави дека оваа посета е јасен сигнал за заедничката подготвеност за продлабочување на економската соработка и унапредување на севкупните билатерални односи.
„Во разговорите отворено констатиравме дека сегашното ниво на економска размена не го одразува реалниот потенцијал помеѓу двете земји. Но, исто така, се согласивме дека постојат конкретни и достижни можности тој јаз да го затвориме во идниот период“, истакна Муцунски.
Муцунски рече дека е убеден оти вториот македонско-казахстански бизнис-форум во Скопје, како и потпишувањето на два значајни документа, ќе дадат нов импулс на соработката меѓу бизнис-заедниците и ќе придонесат за зголемување на трговската размена.
Тој додаде дека остануваат отворени за казахстанските инвеститори, како во технолошко-индустриските развојни зони, така и пошироко во согласност со нивните инвестициски интереси.
Од друга страна, Шакалиев истакна дека Казахстан и Северна Македонија продолжуваат постојано да ги зајакнуваат билатералните односи, ставајќи особен акцент на развојот на трговската и инвестициската соработка.
„Главна цел ни е да ја зголемиме билатералната трговија, да ги прошириме деловните контакти и да воспоставиме конкретни области на соработка. Казахстан активно го развива својот транспортен и логистички сектор, гради одржливи патишта меѓу Азија и Европа, а клучна улога во тој процес игра Транскаспискиот интернационален транспортен пат, односно среден коридор, кој ја обликува новата конфигурација на евроазиската трговија“, рече тој.
Во овој контекст, тој оцени дека Северна Македонија се гледа како ветувачка врска на европскиот пат, нејзината географска локација и интеграција во балканските транспортни мрежи создаваат дополнителни можности за воспоставување отпорни логистички синџири и за пласирање на казахстанските производи на пазарот во Југоисточна Европа.
Шакалиев рече дека еден од клучните практични чекори ќе биде воспоставувањето деловен совет, кој ќе ја олеснува директната интеракција меѓу деловните заедници од двете земји и ќе овозможи брз развој на заеднички проекти.
Казахстанскиот министер Шакалиев ја предводи делегацијата на бизнисмени што ќе учествува на бизнис-форумот со претставници на македонската деловна заедница.


























