Американскиот претседател Доналд Трамп им наложил на соработниците да се подготват за продолжена блокада на Иран, објави „Волстрит џурнал“.
Цитирајќи американски претставници, во извештајот се вели дека на неодамнешните состаноци, Трамп одлучил да продолжи да ја притиска иранската економија и извозот на нафта преку блокада на превозот до и од иранските пристаништа.
Претседателот на САД проценил дека неговите други опции - продолжување на бомбардирањето или напуштање на конфликтот - носат поголем ризик отколку одржувањето на блокадата.
САД и Израел започнаа заедничка офанзива против Иран на 28 февруари, што го натера Техеран да одговори со напади врз она што го опиша како американски интереси низ целиот регион, од кои повеќето се во земјите од Заливот.
На 8 април беше објавено примирје со посредство на Пакистан, по што следеа разговори одржани во Исламабад на 11 и 12 април, но преговорите завршија без договор.
Трамп подоцна изјави дека примирјето е продолжено на барање на Пакистан, во исчекување на предлог од Техеран.
Тој во понеделник сигнализираше дека е малку веројатно да го прифати најновиот предлог на Иран за завршување на војната откако Техеран предложи план за повторно отворање на Ормутскиот теснец, оставајќи ги прашањата за неговата нуклеарна програма за подоцнежни преговори.












