Шпанскиот фудбалер Хесус де Мигел почина денес на 30-годишна возраст, еден ден откако се здоби со повреда при судир со противничкиот голман на теренот на натпревар од втората лига, соопшти ЦД Тенерифе.
„Со скршени срца, со кнедла во грлото и без да можеме да поверуваме дека ова е вистина, ЦД Тенерифе ја соопштува трагичната вест за смртта на Хесус де Мигел Аламеда, во 8 часот утринава“, соопшти клубот.
Напаѓачот се судри со голманот на ФК Андора, Хесус Овоно, додека се бореа за топката во завршницата на вчерашниот натпревар од Ла Лига Хипермошн, одигран на стадионот „Хелиодоро Родригез Лопез“ во Тенерифе.
Медицинскиот персонал му укажал помош на Де Мигел на теренот, по што со амбулантно возило бил пренесен во болница. Натпреварот беше прекинат.
Вчера Тенерифе соопшти дека фудбалерот бил примен на одделението за интензивна нега во универзитетската болница „Нуестра Сењора де Канделарија“, во тешка, но стабилна состојба.
Додека Де Мигел бркаше долга топка, голманот на Андора Овоно истрча да го предизвика, удирајќи го напаѓачот со колено за време на судирот.
Де Мигел се струполи на теренот, по што медицинските екипи интервенираа и укажаа итна помош, додека играчите од двата тима се собраа околу него.
Напаѓачот доживеал срцев удар, но медицинскиот персонал успеал да го врати срцевиот ритам преку реанимација, за потоа да биде примен на интензивна нега.
И покрај итна медицинска интервенција, Де Мигел останал во несвест, а неговата состојба се влошила пред неговата смрт утрово.
Смртта на Де Мигел, исто така, покрена прашања за потенцијалната правна одговорност на голманот од Андора, Хесус Овоно, а шпанските медиуми испитуваат дали судирот би можел да доведе до кривична истрага за убиство од небрежност.




















