Европа сè почесто се соочува со екстремни временски непогоди, се наведува во извештајот „Урагански информатор 2026“, објавен заеднички од компаниите „Сејфтур“ и „Рисклајн“, пренесува Анадолу.
Ураганите и тајфуните, кои некогаш беа карактеристични првенствено за Кариби и Азија, сега сè почесто ги погодуваат Европа и Медитеранот. Овој феномен е поттикнат од порастот на температурите на морската вода, климатските промени и високата веројатност за појава на силниот природен феномен Ел Нињо во периодот меѓу јуни и ноември.
Неколку силни бури ги погодија Јужна и Западна Европа во 2025 и 2026 година, меѓу кои Ејми, Бенџамин, Горети и Леонардо, кои предизвикаа прекини во транспортот, поплави, паднати дрвја и оштетувања на инфраструктурата.
Поради бурата Леонардо беа спроведени евакуации низ Пиринејскиот Полуостров и повеќе од една недела беше нарушено функционирањето на клучната инфраструктура.
„Екстремните временски непогоди сè повеќе се развиваат во глобален ризик при патувањата, вклучително и во регионите што во минатото ретко се поврзуваа со вакви ризици“, изјави Марсел Брант, главен директор за продажба во „Сејфтур“.
На Карибите во 2025 година беа регистрирани 13 силни бури што добија официјални имиња, од кои пет прераснаа во урагани, а четири беа прогласени за катастрофални. Јамајка го запре воздушниот сообраќај за време на ураганот Мелиса, а во САД, Мексико и Централна Америка имаше силни удари од интензивни циклони.
Во Азија, на Филипините беа регистрирани 297 смртни случаи по тајфунот Тино и супертајфунот Уван во ноември 2025 година, при што беа спроведени масовни евакуации и се откажуваа летови.
Супертајфунот Синлаку достигна брзина на ветер од речиси 300 километри на час и засега е опишан како најсилна бура во 2026 година.
Во Африка и Океанија, во тропските бури Фитија и Гезани во Мадагаскар имаше смртни случаи и масовни раселувања, а тропскиот циклон Маила во Папуа Нова Гвинеја ја оштети инфраструктурата и предизвика недостиг на резерви.
Експертите очекуваат силен Ел Нињо во периодот меѓу јуни и ноември, а заедно со затоплувањето на морињата може да ги интензивира екстремните временски непогоди.
Во извештајот се нагласува дека подготовката, следењето на предупредувањата и флексибилните планови за патување стануваат сè поважни.












