Припадник на Армијата на Србија, постар водник Милован Јовановиќ, кој бил ангажиран во составот на мировните сили на Обединетите нации во Либан, загина утринава од здобиените повреди од проектил што паднал врз базата на Обединетите нации во која се сместени мировните сили, вклучително и делот од српскиот контингент.
Веднаш по ранувањето на постар водник Јовановиќ му била укажана итна медицинска помош во болницата во базата. Потоа со хеликоптер бил пренесен во Универзитетскиот медицински центар во Бејрут, каде што починал околу 04:00 часот по локално време, потврдија од Министерството за одбрана на Србија.
Во овој напад повредени се уште двајца припадници на меѓународните сили, еден од вооружените сили на Република Ел Салвадор и еден од вооружените сили на Кралството Шпанија.
Постар водник Милован Јовановиќ е роден на 6 јуни 1989 година во Краљево. Зад себе остави сопруга и две малолетни деца. Во Армијата на Србија беше во служба од 10 декември 2011 година, а во мировната мисија во Либан беше ангажиран од јануари оваа година.
Телеграми со сочувство до семејството на трагично загинатиот припадник на Армијата на Србија упатија министерот за одбрана Братислав Гашиќ и началникот на Генералштабот на Армијата на Србија, генерал Милан Мојсиловиќ.














