Компанијата OпенАИ претстави ново семејство модели на вештачка интелигенција ГПT-5.6, кое вклучува три верзии - Сол, Tера и Луна - наменети за различни потреби на корисниците, од најсложени задачи до економични апликации.
Според компанијата, моделот ГПT-5.6 Сол претставува најнапредна верзија и е наменет за тешки деловни и програмски задачи, ГПT-5.6 Tера е избалансирана варијанта за широк спектар на апликации, додека ГПT-5.6 Луна е оптимизиран за пониски трошоци и поголема брзина на работа.
OпенАИ наведува дека новата генерација носи подобрувања во програмирањето, сајбер безбедноста, логичкото расудување и општото разбирање на јазикот.
Извршниот директор Сем Алтман изјави дека водечкиот модел Сол е околу 54 проценти поефикасен кога станува збор за користење на токени во програмските задачи, што треба да ги намали трошоците за користење, а воедно да одржува високи перформанси.
Компанијата исто така изјави дека моделите ГПT-5.6 ќе продолжат да користат голем број деловни и канцелариски услуги за вештачка интелигенција на Мајкрософт, вклучувајќи го и Копилот, и покрај претходните шпекулации дека двете компании би можеле да се оддалечат.
Воведувањето на ГПT-5.6 доаѓа во време на зголемена конкуренција меѓу водечките компании кои развиваат генеративна вештачка интелигенција, вклучувајќи ги Aнтропик, Гугл, Mета и xAИ, бидејќи пазарот сè повеќе се фокусира на развој на модели кои нудат подобар однос помеѓу перформансите и оперативните трошоци.























