Изгласана реконструкцијата на македонската влада, а танкерскиот превоз во Ормутскиот теснец повторно блокиран
Слушате Дневни блиц вести, денес сме вторник 14 јули
Собранието ја изгласа реконструкцијата на македонската влада
Собранието со 69 гласа „за“, ја изгласа реконструкцијата на македонската влада предложена од премиерот Христијан Мицкоски. Избрани се вкупно осум нови министри откако претходно во овие министерства беа констатирани оставките на претходните раководители и избран е еден нов министер без ресор.
Ѓуриќ: Србија и САД започнуваат стратешки дијалог
Србија и САД започнуваат стратешки дијалог, а првата седница ќе се одржи во петок, 17 јули, за прв пат во историјата на двете земји, изјави српскиот министер за надворешни работи Марко Ѓуриќ. Тој додаде дека САД и претседателот Трамп со овој потег ја ставаат Србија во најтесниот круг на земји со кои соработуваат на повеќе нивоа.
Четири лица повредени во американски напад врз Иран
Четворица се повредени откако проектили испукани од американските сили го погодија југозападниот ирански град Омидије рано утрово, изјави Валиолах Хајати висок покраински функционер. САД спроведува повеќе напади покрај крајбрежјето на Иран како притисок за целите во Ормутскиот Теснец.
Воздушната одбрана на Јордан пресретна четири ирански ракети
Јорданските вооружени сили пресретнаа и соборија четири ракети што влегоа во воздушниот простор на кралството од Иран рано утрово, објави јорданската новинска агенција Петра. Инцидентот не предизвикал никакви жртви или материјална штета.
И за крај на денешниот блиц…
Танкерскиот превоз во Ормутскиот Теснец речиси целосно сопрен
Сообраќајот на танкери низ Ормутскиот теснец е забавен до речиси целосен застој во последните 24 часа, бидејќи обновените судири меѓу САД и Иран, како и нападите врз комерцијалните бродови, ги зголемија грижите за безбедноста на стратешкиот воден пат.
Тоа беше сѐ за денешните блиц вести, за повеќе информации следете нѐ на социјалните мрежи
