Неодамна на социјалните мрежи се појавија слики и видеа со црвена боја во водите на езерото Козјак. На што се должи овој природен феномен, но и зошто овој предел заслужува да биде заштитен?
Според Анастасија Видеска од Македонското еколошко друштво, езерото Козјак кое е вештачка акумулација и околината на заштитеното подрачје Јасен, имаат богато присуство на ретки, но и загрозени животински видови, кои доколку се спроведе непланска урбанизација и масовен туризам може да се доведат во опасност, но и да се наруши доживувањето што го нуди природата.
Што точно вели науката – дали се работи за природен процес? Како овој зголемен нанос на седименти и промената на бојата влијаат врз живиот свет во самото езеро?
Видеска: Во овој пролетен период често забележуваме дека Козјак ја добива таа препознатлива црвена боја и тоа се должи на повеќе хидролошки и биолошки својства.
Во овој период се случува мешање на водата, кадешто од подлабоките седименти со мешањето се креваат нагоре во водениот столб и тоа создава одлични услови за развивање на фитопланктон и таа појава се нарекува цветање на алги.
Овој процес може да има значајно влијание врз екосистемот на езерото. Зголемената густина на фитопланктонот ја намалува пенетрацијата на светлината во подлабоките слоеви, што негативно влијае врз другите фотосинтетски организми. Дополнително, по изумирањето на овие организми, нивното разградување троши големи количини кислород, што може да доведе до појава на хипоксични или аноксични услови во бентосот и да го загрози водниот жив свет.
Често регионот околу Козјак се истакнува како исклучително значаен за животинскиот свет и биодиверзитетот. Кои се тие ретки или ендемски видови (растителни и животински) кои го прават овој предел посебен?
Видеска: Регионот околу Козјак, вкучувајќи ја и вештачката акумулација, е дел од заштитеното подрачје Јасен и се одликува со специфичен вегетациски состав и исклучително богат животински свет, при што се среќаваат бројни ендемични, ретки и загрозени видови.
Регистрирани се први податоци на видови дијатомеи во македонското поднебје, како и габи од глобално значење. Флората е збогатена со ендемични и реликтни растителни видови, меѓу кои се издвојува Thymus oehmianus како балкански ендемореликт, Dianthus kapinaensis и Viola kosaninii.
Ихтиофауната е особено значајна, со присуство на стеноендемични видови карактеристични за вардарскиот слив, како што се македонската пастрмка (Salmo macedonicus) и македонската мрена (Barbus macednoicus). Дополнително, присутни се и силно загрозени видови риби, како што е вретенарот (Zingel balcanicus) што укажува на висока конзервациска вредност на водните екосистеми.
Од крупните цицачи, регионот е познат по присуството на рисот (Lynx lynx martinoi), дивата коза (Rupicapra rupicapra balcanica), кои се сметаат за глобално значајни видови, чии популации се загрозени и ранливи.
Орнитофауната е исто така богата и значајна, при што се забележани млади единки од египетскиот мршојадец (Neophron percnopterus), кој е глобално загрозен, еребица камењарка (Alectoris graeca), златен орел (Aquila chrysaetos) како и појава на големиот северен нуркач (Mergus merganser) во акумулацијата Козјак.
Поради оваа висока биолошка вредност, делови од подрачјето се предложени како Emerald Network локалитети, како и значајни подрачја за птици (IBA), што дополнително ја нагласува нивната важност на национално и меѓународно ниво.
Сведоци сме на зголемен интерес за урбанизација и изградба на викенд-куќи и неплански туризам на бреговите на Козјак. Која е најголемата закана што ја носат овие населби?
Видеска: Зголемената урбанизација преку изградба на викенд-куќи и развојот на неплански туризам околу езерото Козјак претставуваат значаен антропоген притисок врз екосистемите во рамки на заштитеното подрачје Јасен. Најголемата закана од овие активности е деградацијата и фрагментацијата на природните живеалишта.
Изградбата на објекти и инфраструктура доведува до директно зафаќање на простор, што може да резултира со изолација на популациите. Дополнително, пробивањето на шумски патишта и зголемената човечка активност предизвикуваат вознемирување на дивиот свет, особено кај чувствителните и ретки видови.
Индивидуалната изградба на викенд-објекти е класифицирана како закана со низок интензитет, но често може да доведе до настанување на ерозија. Допрва може да ги искусиме проблемите од непланско градење на викенд населби, преку каптирање на води, немање на прочистителни станици итн. Туризмот и рекреативните активности имаат среден интензитет на закана. Тие вклучуваат зголемена фреквенција на посетители, создавање отпад, бучава, како и зголемен ризик од шумски пожари.
Дополнителни закани со висок интензитет се поврзани со хидролошките модификации, како што се изградбата на брани и интензивното искористување на водните ресурси. Овие процеси често доведуваат до промени во природниот воден режим и предизвикуваат дополнителна фрагментација на живеалиштата. Истовремено, придружните активности, како што се дефорестацијата и инфраструктурниот развој, го зголемуваат ризикот од појава на шумски пожари и дополнително ја нарушуваат стабилноста на екосистемот.
Сите овие влијанија се засилуваат во услови на неадекватно просторно планирање и управување. Затоа, од клучно значење е користењето на природните ресурси да се одвива во согласност со законската регулатива и принципите на одржлив развој, со цел да се зачува еколошкиот интегритет и биодиверзитетот на подрачјето.
Каков статус на заштита има моментално овој предел и дали е тој доволен за да го спречи неговото деградирање?
Видеска: Моментално, Јасен е прогласен за повеќенаменско заштитено подрачје, во категоријата посебни природни предели. Езерото Козјак претставува акумулација изградена во 2004 година, која има енергетска функција и се смета за езеро со намена за производство на енергија. Воедно, тоа е предложено да биде дел од зона за активно управување, како и останатите акумулации во државата.
Доколку активностите се одвиваат во согласност со законската регулатива и се применуваат предложените мерки за одржливо користење на ресурсите што ги нуди езерото, и се прави редовен мониторинг за квалитетот на водата, не се очекуваат поголеми негативни последици врз подрачјето.
Како Македонското еколошко друштво ја гледа идеалната слика за Козјак по 10 години – развој на масовен туризам или строго контролирана зона за еко-туризам?
Видеска: Еко-туризмот, особено во заштитени подрачја, секогаш се предлага како најсоодветен модел на развој. Овој предел нуди бројни можности за развој на различни форми на еко-туризам, како што се планински туризам, алпинизам, рурален туризам, набљудување на птици (птичарење), велосипедски туризам, спелеотуризам и така натаму.
Активностите од овој тип не би ја нарушиле ниту загрозиле животната средина, ниту би имале негативни последици врз екосистемите. Напротив, тие придонесуваат за промоција на културните и природните вредности на заштитеното подрачје Јасен.
