| Macedonian
ПОЛИТИКА
8 мин читање
Дали политиката на САД на Блискиот Исток по нападите од 11 септември доживеа неуспех?
Иако глобалните напори за борба против терористичките групи во голема мера беа успешни, стратегијата на Вашингтон за промена на режимите преку воена сила не резултираше со стабилни држави и регионален поредок
Дали политиката на САД на Блискиот Исток по нападите од 11 септември доживеа неуспех?
Според експертите, проблемот настанал кога борбата против тероризмот се претворила во изградба на држави, промена на режими и политички инженеринг

Дваесет и пет години по нападите од 11 септември, американската војна против тероризмот во голема мера ги порази двете глобални терористички групи- Ал Каеда и ДАЕШ - по долгите војни во Авганистан, Ирак и Сирија, кои вклучуваа распоредување на десетици илјади американски војници на различни боишта.

Вашингтон ја искористи својата супериорна воена моќ за да ги собори режимите во Кабул и Багдад, тврдејќи дека тие ги поддржувале терористичките групи, кои наводно планирале напади на американско тло, како оној од 11 септември.

Сепак, таканаречената стратегија за војна против тероризмот, усвоена по нападите од 11 септември, исто така остави трага на смрт и уништување низ огромен регион, парализирајќи нации од Авганистан до енергетски богатиот Блиски Исток.

Авганистан се покажа како класичен пример за американското дволично однесување. Две децении откако САД ги соборија Талибанците од власт, тие го овозможија враќањето на истата група по избрзаното и хаотично повлекување на САД од оваа азиска земја.

Соборувањето на Садам Хусеин од власта во Ирак исто така доведе до опасни последици, предизвикувајќи вооружен отпор и внатрешни судири, што го отвори патот за појавата на ДАЕШ низ целата земја. Американската инвазија исто така доведе до зајакнување на вооружените групи наклонети кон Иран во земја со големо шиитско население, помагајќи му на Техеран да го зголеми своето влијание врз Ирак.

Во моментов, САД се вклучени во уште една војна на Блискиот Исток - против Иран, земја која Вашингтон понекогаш ја опишува како терористички режим - што укажува на продолжување на американската стратегија од периодот по 11 септември.

Иако се чинеше дека претседателот Доналд Трамп сака да стави крај на конфликтот во краток рок, не постојат јасни индикации дека непопуларната американска војна наскоро ќе заврши.

Дури и високи американски функционери неодамна го предупредија Трамп дека конфликтот, кој предизвика големи пореметувања во трговијата со нафта поради блокадите во Ормускиот Теснец, би можел да продолжи до крајот на неговиот претседателски мандат, што укажува на тоа дека Вашингтон може да се соочи со уште една „вечна војна“. 

Воената моќ не е доволна

Со оглед на мешаните резултати - од Авганистан до Ирак, а неодамна и Иран - експертите забележуваат бројни пропусти, дезориентираност и проблеми во спроведувањето на американската стратегија по нападите од 11 септември. 

Оваа стратегија претрпуваше промени додека Вашингтон повремено се обидуваше да ги искористи можностите за повлекување од нестабилните региони.

Сè додека целта беше разбивање на терористичките мрежи, пристапот донекаде функционираше за САД, вели Ифтихар Фирдоус, искусен пакистански истражувачки новинар специјализиран за Авганистан и милитантните групи.

„Но проблемот настана кога целта се прошири од борба против тероризмот кон изградба на држави, промена на режими и политички инженеринг“, изјави тој за ТРТ Ворлд.

„Штом ќе почнете да се обидувате да ги преобликувате општествата преку воена моќ, навлегувате во сосема поинакво стратешко опкружување. САД поседуваа огромна воена супериорност, но воената супериорност не се претвора автоматски во политички легитимитет или во одржливи политички резултати. Тоа е всушност централната контрадикторност на ерата по 11 септември“, додава тој.

Додека тензиите со Иран продолжуваат, САД се соочија со сурова реалност: американската воена надмоќ, поткрепена со напредна технологија, не е во состојба да ја урне иранската структура на власт, која ужива поддршка од моќната Иранска револуционерна гарда (ИРГЦ).

„Многу од тешкотиите произлегоа од јазот меѓу американските воени капацитети и политичките цели што се развија околу нив“, вели Али Мамадов, докторанд по политички науки на Факултетот за политики и влада „Шар“ при Универзитетот Џорџ Мејсон.

„САД можеа релативно брзо да ги отстранат непријателските влади и сериозно да ги ослабат терористичките организации, но воспоставувањето трајни политички поредоци потоа се покажа како значително потешка задача“, изјави Мамадов за ТРТ Ворлд.

Авганистан и Ирак, двете муслимански земји, имаат сложени етнички, племенски и секташки структури со различни локални актери кои се во меѓусебен судир - проблеми што „самата воена супериорност не можеше да ги реши“, вели тој.

Анализите на американската влада за дејствувањето на земјата во Авганистан укажаа на бројни проблеми во политиките, вклучувајќи „неконзистентна стратегија, нереални временски рокови, слаба одржливост и недоволно разбирање на локалните услови“, додава Мамадов.

„Повторените интервенции исто така предизвикаа политички отпор во делови од регионот. На ниво на алијансата, НАТО едногласно го активираше Членот 5 по нападите од 11 септември, но поделбите станаа поизразени како што се прошируваше пошироката агенда, особено во однос на Ирак.“

Во екот на операциите против бунтовниците во 2007 година, американското воено присуство достигна повеќе од 170.000 војници. За време на американската окупација загинаа повеќе од 4.500 американски војници.

Данија Колеилат Хатиб, експерт за односите меѓу арапскиот свет и САД, е подиректна во однос на последиците од стратегијата по нападите од 11 септември. 

„Таа дефинитивно доживеа неуспех; ги вовлече САД во бескрајни војни што го нарушија нивниот углед во светот и создаде огромен финансиски товар поради вртоглавиот раст на долгот“, изјави Хатиб за ТРТ Ворлд.

Од одвраќање до неистражени територии

Експертите исто така истакнуваат дека започнувањето на војната против тероризмот без јасно дефинирани цели се покажало како потежок предизвик од соочувањето со земја како поранешниот комунистички Советски Сојуз. 

Американската стратегија против Советскиот Сојуз од времето на Студената војна се потпираше на комбинација од одвраќање, обуздување и идеолошки аргументи за промовирање на демократијата, слободата и слободниот пазар.

„Војната против тероризмот никогаш не доби таков вид меѓународна поддршка“, напиша Роберт Кејган, познат експерт за геополитика, осврнувајќи се на разликата меѓу ставовите од ерата на Студената војна, кои беа наклонети кон САД, и генерално воздржаната глобална реакција на американските политики по 11 септември.

Од крајот на Студената војна, САД немаат развиено сеопфатна надворешнополитичка стратегија, а по 11 септември, Вашингтон ненадејно одлучи да усвои стратегија за превентивни воени дејства, напуштајќи ги традиционалните политики на одвраќање и обуздување.

Метју Брајза, поранешен висок американски дипломат кој на 11 септември работел во Белата куќа како службеник во Советот за национална безбедност, не гледа ниту една политика од тој период што навистина „обликувала јасна стратегија“. 

Тој вели дека започнувањето на војната во Ирак веднаш по војната против Талибанците довело до тоа САД да го изгубат фокусот врз обновата на Авганистан, при што американските сили останале заглавени во таа блискоисточна земја цели две децении. 

Иако САД ефективно спречија терористички напади на американско тло, се зголемија критиките кон американските политики за промена на режими и „изградба на нации“, кои „предизвикаа нови нестабилности“.

Брајза вели дека се покажало оти со бројните војни е „многу тешко да се управува“.

Критичарите, исто така, ја гледаат актуелната војна со Иран како „производ“ на овој американски пристап по настаните од 11 септември, додава тој.

„Многу тешката ситуација во која САД се најдоа во однос на Иран ќе поттикне нова дебата за тоа дали САД треба да се впуштаат во вакви обиди за соборување влади на Блискиот Исток.“

Иако Брајза смета дека напуштањето на напорите за изградба на нации и пренасочувањето на американскиот фокус кон азиско-пацифичкиот регион би можело да биде подобар пристап за САД, тој додава дека непредвидливи „настани“ постојано го враќале Вашингтон во тој регион.

Зајакнување на Кина и Русија

Експертите исто така укажуваат на фактот дека „бесконечните војни“ не само што исцрпиле огромни американски ресурси и однеле многу животи, туку и го одвлекле вниманието на раководството на земјата од ривалството меѓу големите сили - САД, од една страна, и Кина и Русија, од друга.

„Иронијата е што, дваесет и пет години подоцна, војните на Вашингтон по 11 септември го пренасочија стратешкото внимание и ресурсите“, вели Фирдус, осврнувајќи се на тоа како американската стратегија ја оставила американската моќ ранлива пред Кина и Русија.

Геополитичките аналитичари забележуваат дека фокусот на САД кон Блискиот Исток ги оставил Источна Европа и Кавказ незаштитени од руските операции, овозможувајќи ѝ на Москва да ја проектира својата моќ во отцепените региони на Грузија и да ја нападне Украина.

Уште поважно, Кина - втората по големина економија во светот- постојано го зголемува своето влијание врз глобалната политика, користејќи ги своите огромни финансиски ресурси и продлабочувајќи ги врските со земји од Африка до Латинска Америка и Азија. 

Пекинг исто така ги подобри односите со државите од Блискиот Исток, почнувајќи од антизападни земји како Иран, па сè до арапските држави од Персискиот Залив богати со нафта и Египет.

„Постоеше поширок стратешки трошок на пропуштената можност: САД посветија огромно внимание и ресурси на борбата против тероризмот и на Блискиот Исток во период кога Кина постојано акумулираше економска и воена моќ“, вели Мамадов. 

Неодамнешна анализа на Волстрит џурнал исто така заклучува дека американската стратегија по нападите од 11 септември им овозможила на Кина и Русија да ја оспорат американската глобална доминација, при што се цитира Кејган: „Кина и Русија го поздравија тоа бидејќи го одвлече стратешкиот фокус на САД подалеку од нив“.

Извор: ТРТ Ворлд

Повеќе
ЕУ не постигна консензус за продолжување на поединечните санкции врз Русија
Среднорочните избори во САД на повидок: Кој ќе го освои Конгресот во ноември?
Германската ЦДУ во слободен пад додека Мерц ја губи контролата
Дали блокадата на Хутите на Баб ел-Мандеб  ќе предизвика глобален скок на цените на енергенсите
Пентагон ја објави шестата транша декласифицирани документи за НЛО
Израелските сили извршија нов упад во Сирија со воени возила
СТО: Блокадата на Ормутскиот теснец е најголема закана за глобалната трговија
Зеленски ја иницираше „Карпатска осумка“ како нова регионална соработка
Нов Зеланд не разговарал со ЕУ за статус на придружен член
Се очекува Такаичи да се сретне со Трамп во вторник, пред разговорите меѓу САД и Кина
Фон дер Лајен: ЕУ ќе исплати 3,3 милијарди евра за ракети и беспилотни летала за Украина
Мерц: Гледаме фундаментална промена во односот на САД кон Германија
Стејт департментот одобри продажба на Ф-35 авиони на Саудиска Арабија вредни 24 милијарди долари
Зигфрид Мурешан номиниран за нов премиер на Романија
Мецола: Австралија и Нов Зеланд придружни членки на ЕУ по примерот на Канада
Едно лице загина, двајца повредени во дронски напад  на Хутите врз Саудиска Арабија
Целосно сопрен бродскиот сообраќај низ теснецот Баб ел-Мандеб
Карни повика на подлабоко стратешко партнерство меѓу Канада и ЕУ
Индија ќе преземе мерки за заштита на интересите откако САД донесоа закон за санкции за Русија
Трамп: Иран директно стапи во контакт со САД и сака да постигне договор