Нов Зеланд не водел никакви разговори со Европската Унија за тоа да стане придружен член, изјави во петокот портпаролот на министерот за надворешни работи на Нов Зеланд, Винстон Питерс, откако ЕУ соопшти дека разгледува таков предлог за Канада.
„Немало разговори со ЕУ за тоа Нов Зеланд да стане придружен член“, изјави портпаролот, според Ројтерс.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави во среда дека сака да ја отвори вратата за Канада да стане првата придружна членка на ЕУ, во обид да се создадат нови врски меѓу сојузниците во „отворено непријателски свет“.
Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, изјави во четвртокот дека Австралија и Нов Зеланд би можеле да ја следат Канада во продлабочувањето на врските со ЕУ.
„Не се сомневам дека тоа ќе вклучи и други земји. Веќе го гледаме ова, меѓу другото, кога станува збор за законодавството што го донесуваме, каде што партнери од целиот свет, на пример Австралија и Нов Зеланд, ни велат: сакаме да ги продлабочиме нашите односи“, изјави таа во интервју за телевизиската мрежа Евроњуз.
Австралискиот министер за трговија Дон Фарел во вторникот изјави дека Австралија е „на иста бранова должина“ како Канада кога станува збор за напорите за воспоставување посилни врски со ЕУ.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, пак, ѝ се закани на ЕУ со царини ако продолжи со предлогот за Канада, нарекувајќи ја идејата „смешна“.




















