Туркије, Катар, Индонезија и Пакистан го потпишаа меморандумот „Бадр“ за зајакнување на одбранбената соработка и развој на стратегиски партнерства, соопшти денес турското Министерство за национална одбрана.
Меморандумот беше потпишан денес во Доха, главниот град на Катар, од министрите за одбрана на четирите земји.
Потписници на меморандумот се турскиот министер за национална одбрана Јашар Ѓулер, вицепремиерот и државен министер за одбранбени прашања на Катар, шеикот Сауд бин Абдулрахман бин Хасан ал-Тани, заменик-министерот за одбрана на Индонезија, Јусуф Џаухари и пакистанскиот министер за одбрана Хаваџа Мухамед Асиф.
На церемонијата присуствуваше и Халук Ѓорѓун, претседател на Турската управа за одбранбена индустрија.
Меморандумот, наречен „Бадр“, што значи „полна месечина“, има цел да ја поттикне соработката во военото производство, да ги зајакне воените капацитети и да ја поддржи соработката во техничката воена обука, истражувањето и развојот, соопшти Министерството.
Од Министерството додадоа дека иницијативата ќе помогне во развојот на решенија и индустриски сектори усогласени со напредокот на современите одбранбени системи.
Меморандумот има и значајна економска важност за земјите потписнички бидејќи ги обединува нивните производствени капацитети во воената индустрија, ја подобрува нивната интеграција и ги зајакнува одбранбените индустрии за да одговорат на потребите на сојузничките и пријателските земји.
Се очекува со меморандумот да се прошири и воената соработка меѓу земјите учеснички, да ги продлабочи врските во одбранбената индустрија и да ја зајакне мултилатералната соработка во поддршка на безбедноста, стабилноста и заедничките цели, соопшти Министерството.




















