Европските парламентарци и шефицата на европската дипломатија во вторникот на пленарна седница во Стразбур ја осудија одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да се откаже од примената на американските санкции против Русија, нарекувајќи ја срамна.
Американскиот претседател Доналд Трамп се откажа од клучните американски санкции и царини поврзани со Русија само неколку дена пред да стапат во сила според законот што го потпиша минатиот месец.
Меѓу нив се царини за стоки од Русија и казнени мерки за земјите што купуваат руска нафта и гас. Во извршна наредба објавена од Белата куќа во петокот, Трамп рече дека таквата одлука е во национален интерес на Соединетите Американски Држави.
Шефоицата на европската дипломатија, Каја Калас го го нарече „Законот за санкции против Русија и Иран од Линдзи О. Греам од 2026 година“ важен чекор со кој двете страни на Атлантикот се зближија во тактиката, но ја опиша одлуката за исклучување на Русија како срамна.
„На овој начин, меѓународниот притисок врз Русија да ја запре војната е намален“, рече Калас.
Таа додаде дека Европа мора да продолжи со санкциите против Русија за да ја принуди да преговара.
„Мора да го зголемиме притисокот“
Полјакот Михал Шчерба од Европската народна партија изјави дека одлуката на американскиот претседател може да го зајакне агресорот и да ја ослабне Украина и источното крило на НАТО.
- Не можеме да ја финансираме воената економија на рускиот претседател Владимир Путин... Апелирам до нашите американски сојузници: не се откажувајте од санкциите, не го наградувајте агресорот и не ја ослабувајте жртвата, рече Шчерба.
Тој тврди дека американската акција може дури и да се смета за предавство.
Белгиската пратеничка Кетлин ван Бремпт од Социјалдемократите се согласи дека Трамп му дава пари на Путин за неговата војна со оваа одлука и го поддржа одржувањето на европските санкции против Русија.
Литванскиот европратеник Петрас Ауштревичиус од либералната група Обнови, кој рече дека одлуката на Трамп му дава на агресорот дозвола да убива, се согласи дека ЕУ мора да ги затвори сите канали за руски фосилни и нуклеарни горива.
- ЕУ, исто така, мора да го затвори влезот на граѓаните на Русија, која е терористичка држава, на наша територија. Државата агресор мора да биде одговорна за своите постапки, рече тој.
Рускиот претседател Владимир Путин, пак, предложи одржување самит следниот месец со американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот претседател Кси Џинпинг за преговори за крај на четиригодишниот конфликт во Украина под услови што би биле во корист на Москва, објави во понеделник Волстрит џурнал.


















